12.8 C
Скопје
22 април, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

ФАЦ: Отфрлање на проширувањето на ЕУ

Новата германска влада го менува курсот во однос на проширувањето на ЕУ, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пренесува ДВ. Без укинување на правото на вето во ЕУ, тешко до ново проширување.

„Во коалицискиот договор на идната сојузна влада има пасус од четири реченици на кој досега му се посветуваше малку внимание, иако може да има одлучувачко влијание врз надворешната политика“, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) и продолжува:

„’Проширувањето на ЕУ и нејзиниот капацитет за прием на нови членки мора да одат рака под рака. Затоа, најдоцна со следното проширување, потребна ни е внатрешна консолидација и реформа на ЕУ која институционално ќе ја зајакнува“, е првата половина (од пасусот, н.з.). Втората: ‘Принципот на консензус во Европскиот совет не смее да стане кочница за донесување одлуки. Ова во принцип важи и за преостанатите одлуки со едногласност во Советот на ЕУ.“

Според ФАЦ, тоа „во суштина е отфрлање од страна на Берлин на досегашната реторика (и онака со години не може веќе да се нарече политика) на проширувањето на ЕУ. Зашто со тоа е формулирано она што е присутно со години: Недоволната способност на ЕУ за носење одлуки е централна пречка за прием на нови членки“:

„Конечно, секое ново полноправно членство ќе донесе и дополнително право на вето во Европскиот совет во оние области на политиката кои бараат едногласни одлуки. Ако ЕУ ги прифати сите држави кои сигнализираа дека сакаат да се приклучат или веќе преговараат за тоа, резултатот ќе биде дека, на пример, во надворешната политика, ништо не може да се реши спротивно на волјата на Белград, Кишињев, Киев, Сараево, Скопје, Подгорица, Приштина или Тирана. Секој што го има предвид внатрешното уредување и надворешнополитичката ориентација на овие држави, може да си претстави какви последици тоа може да има во некои случаи.“

„Проруски“ кандидати за членство

ФАЦ ги наведува примерите на Србија и Молдавија

„На пример, Србија: освен назадувањето во владеењето на правото во Србија, приемот на оваа држава најверојатно би значел дека во ЕУ тешко дека би можело да се реши нешто против Москва. Тоа веќе сега е доволно тешко, покажува случајот на Унгарија.

На пример, Молдавија: децидно прозападната претседателка Маја Санду моментално е сè уште на власт. Но, минатогодишните претседателски избори покажаа колку е тенок мразот за Санду. Таа беше реизбрана само благодарение на гласовите на дијаспората во Западна Европа. Ако беше според волјата на мнозинството Молдавци кои живеат во земјата, референдумот за ЕУ ​​инициран од Санду ќе пропаднеше, а актуелната претседателка ќе загубеше од прорускиот предизвикувач. Неизвесно е дали партијата на Санду ќе може да го задржи своето мнозинство на овогодинешните парламентарни избори.“

Во текстот на ФАЦ се потсетува дека францускиот претседател Емануел Макрон „со години предупредува оти на државите кои граничат со ЕУ премногу лекомислено им се ветува членство“ и дека тој во повеќе говори нагласил дека „ЕУ веќе со 27 членки понекогаш функционира повеќе лошо отколку добро“, па оттука се поставува прашањето „како може да се замисли Унија која има 35 членки, а ги задржала своите стари правила“:

„Според тоа, споменатиот пасус во коалицискиот договор (на идната германска влада, н.з.) е знак и на надворешнополитички реализам. Надминувањето на досегашната ситуација, односно промена во насока на можноста одлуките во Европскиот совет да се носат само со мнозинство, е неверојатно, дури и безнадежно. Иако со години се тврди дека претстои реформа, едногласноста потребна за укинување на едногласноста не е на повидок. Ако нејзиното укинување стане предуслов за прием на нови членки во ЕУ, како што сега се бара во коалицискиот договор, тоа значи и дека проширување на ЕУ не е на повидок. Сите вклучени страни го знаат ова, но претходните сојузни влади досега не беа подготвени тоа доволно јасно да го артикулираат.

Старо-нова алтернатива 

Недостаток на јасност нема само во Берлин, покажува погледот кон Виена. Таму, австриската министерка за Европа, Клаудија Плаколм од конзервативната ОВП, деновиве изјави дека би сакала ЕУ да прими нови членки најдоцна до 2030 година. Плаколм зборуваше за можност за привремено суспендирање на принципот на едногласност. Според неа, пологично би било враќање кон едногласноста на крајот од пристапните преговори. Притоа, не е јасно како би можело привремено да се укине условот за едногласност и што ќе се добие доколку тој на крајот повторно се применува. Ова е често случај: во ‘неделните говори’, се повикува на проширување на ЕУ без навистина да се решат тешкотиите што доаѓаат.“

Ако сето ова се има предвид, „најавата во германскиот коалициски договор е напредок“, оценува ФАЦ, за веднаш потоа да констатира дека „на друго место во документот ЦДУ/ЦСУ и СПД ја поткопуваат својата јасност“:

„’Важното приклучување во ЕУ на шесте земји од Западен Балкан, Украина и Република Молдавија е наш заеднички интерес. Сакаме консеквентно да ги продолжиме напорите за поддршка на ЕУ и нејзините земји членки’, се наведува во него. Ако реформата на ЕУ мора да дојде пред нејзиното проширување, тогаш тоа не е реално. Притоа, со години постои идеја како на кандидатите за пристап да им се понуди атрактивна цел без истовремено ЕУ да се оптоварува со нови членки со право на вето. Се работи за модел на пристап на засегнатите држави до заедничкиот пазар на ЕУ – по исполнување на речиси сите критериуми кои треба да се исполнат и за полноправно членство. Значи, барањата останауваат високи. Но, тие би биле можеби полесно остварливи со оглед на тоа дека целта е и реална и привлечна. Таквиот пристап би го проширил правниот простор на ЕУ без да ги оптоварува нејзините политички структури“, пишува „Франкфутер алгемајне цајтунг“.

Related posts

Франција не сака канцеларија на НАТО во Јапонија

admin

Јануарските сметки на ЕВН ги изненадија граѓаните

admin

Политико: Новата власт во Скопје ризикува да ги оживее тензиите

admin

Кои министерства и општини трошат струја прекумерно?

ninja

Спектакуларен брз раст на бројот на електрични автомобили во ЕУ

admin

ПУТИН ВЕЌЕ ГО ИСПЛАНИРАЛ БЕГСТВОТО ОД РУСИЈА?

ninja