Двајца вработени во израелската амбасада во САД беа убиени синоќа пред Еврејскиот музеј во центарот на Вашингтон, потврдија официјални лица. Осомничениот за нападот, 30-годишниот Елијас Родригез од Чикаго, е уапсен.
Инцидентот се случил околу 21:05 часот по локално време, кога жртвите – маж и жена – го напуштале музејот по хуманитарен настан во поддршка на Газа, соопштија организаторите за BBC.
„Напаѓачот пукал од непосредна близина“, изјави портпаролката на израелската амбасада, Тал Наим Коен.
Иако идентитетот на убиените не е официјално објавен, израелскиот амбасадор во САД, Јехиел Лајтер, изјави дека станува збор за млад пар кој наскоро требал да се венча.
Полицијата информира дека при апсењето, Родригез извикувал „Ослободете ја Палестина“. Федералното истражно биро (FBI) соопшти дека тој ќе биде испитан за можно поврзување со тероризам.
„Немаше претходни индикации дека е опасен“, изјави шефицата на вашингтонската полиција, Памела Смит.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, го нарече нападот „терористички чин“ и додаде дека „израелски официјални лица се постојано мета ширум светот“.
Претседателот на Израел, Исак Херцог, го осуди нападот како „дивјачки чин на омраза и антисемитизам“ со кој се одземени животи на двајца млади дипломати.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху најави засилени мерки за безбедност на израелските дипломатски мисии во странство. „Сведоци сме на ужасните последици од антисемитизмот и омразата кон Израел“, рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп го опиша нападот како „длабоко тажен“ и „јасно мотивиран од антисемитизам“.
„Ова е брутален чин на кукавичко насилство“, изјави и американскиот државен секретар Марк Рубио.