Европската унија и Индија објавија постигнување на историски договор за слободна трговија, со што се заокружуваат речиси 20 години на повремени и прекинувани преговори, во услови на зголемени геополитички и трговски тензии со САД.
„Го направивме тоа – ја испорачавме мајката на сите договори“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција во Њу Делхи. Индискиот премиер Нарендра Моди го оцени договорот како „историски“.
Договорот ќе овозможи слободна трговија со стоки меѓу 27-члената Европска унија и Индија – најнаселената земја во светот. Двете економии заедно сочинуваат речиси 25% од глобалниот бруто-домашен производ и пазар од околу две милијарди луѓе.
Европската комисија соопшти дека договорот предвидува постепено укинување на царините за најголемиот дел од извозот на хемикалии, машини и електрична опрема, како и за авиони и вселенска опрема. Царините за моторни возила, кои моментално достигнуваат и до 110%, ќе бидат намалени на 10% во рамки на квота од 250.000 возила.
Оваа квота е шест пати поголема од квотата од 37.000 возила што Индија ѝ ја одобри на Велика Британија во трговскиот договор потпишан во јули минатата година, објави Блумберг.
Договорот ќе ги намали трошоците за европските производи што влегуваат на индискиот пазар, вклучително автомобили, индустриска опрема и одредени земјоделско-прехранбени производи. Брисел соопшти дека договорот ќе ги поддржи инвестициите, ќе го подобри пристапот до европските пазари и ќе ја продлабочи интеграцијата на синџирите на снабдување.
Индиската влада соопшти дека речиси целиот нејзин извоз ќе добие „преференцијален пристап“ до пазарот на ЕУ, при што текстилот, кожарските производи, морските производи, ракотворбите, како и скапоцените камења и накитот ќе имаат намалени или укинати царини.
Истовремено, Делхи соопшти дека внимателно ги заштитил чувствителните сектори, вклучувајќи млечни производи, житарици, живина, соја и одредени овошја и зеленчук, со цел да се балансира извозниот раст со домашните приоритети.
Двете страни договорија и рамка за мобилност која ќе ги олесни краткорочните патувања на професионалци меѓу Индија и ЕУ.
„Ова е најголемиот договор за слободна трговија што Индија некогаш го склучила“, изјави Моди. „Ќе го олесни пристапот на нашите земјоделци и мали бизниси до европските пазари и ќе го зајакне производството, услугите и иновативните партнерства.“
Договорот доаѓа во време кога и Индија и Европската унија се соочуваат со економски и геополитички притисоци од САД. Делхи се справува со царини од 50% воведени од американскиот претседател Доналд Трамп минатата година, додека преговорите за билатерален трговски договор со Вашингтон сè уште тапкаат во место.
Минатата недела, Трамп се закани со ескалација на трговската војна со европските сојузници, пред да се повлече од заканите.
Фон дер Лајен изјави дека договорот претставува „приказна за две економски сили кои избраа партнерство како одговор на глобалните предизвици“, додека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека договорот испраќа силна политичка порака против растечкиот протекционизам.
Формалното потпишување на договорот се очекува подоцна оваа година, по одобрување од Европскиот парламент и Европскиот совет.
Покрај трговијата, Индија и ЕУ водат и одделни разговори за безбедносна и одбранбена соработка, како и за климатска акција. Двете страни работат на нацрт-договор за безбедносно и одбранбено партнерство што ќе опфати поморска безбедност, сајбер-закани и одбранбен дијалог, објави Ројтерс.
Европската унија е најголем трговски партнер на Индија во размена на стоки, со билатерална трговија која достигна 136 милијарди долари во 2024/25 година, речиси двојно повеќе во однос на пред една деценија.
Преговорите за договор започнаа во 2007 година, но беа прекинати во 2013 поради несогласувања околу пристапот до пазарите и регулативите, пред формално да бидат обновени во јули 2022 година.

