27.8 C
Скопје
14 јуни, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ЕУ ѝ порача на Северна Македонија: Или План А, или нова блокада!

Европската унија останува цврст поддржувач на евроинтегративниот пат на Северна Македонија, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, за време на нејзината официјална посета на Скопје во четвртокот.

„Северна Македонија припаѓа во европското семејство. Патот до членството не е лесен, но останете на тој правец, преземете ги чекорите кои водат до отворање на поглавјата, а ние како ЕУ ќе и даваме поголема поддршка на Северна Македонија,“ рече Калас на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Калас ја пофали земјата за нејзините напори во усогласување на националното законодавство со европските стандарди во областа на безбедносната политика и ја нарече сигурен партнер за регионалната безбедност.

Премиерот Мицкоски повтори дека евроинтеграциите треба да се темелат на европски вредности, а не на билатерални прашања. Тој истакна дека европската интеграција останува јасна определба на актуелната влада, но побара поголемо разбирање од европските земји членки за ситуацијата во која се наоѓа државата на тој пат.

„Ние припаѓаме во ЕУ затоа што со децении градиме општество со демократски вредности, вложуваме, се жртвуваме, со надеж дека трудот ќе биде препознаен. Ние сме подготвени, ЕУ може да смета на нас, но сега е време и ние да сметаме на ЕУ,“ рече Мицкоски.

Калас изјави дека со Мицкоски разговарале за можните механизми за деблокада на односите со Бугарија, но не откри детали.

„Јасно е дека сакаме Северна Македонија да се придвижи по патот кон ЕУ, знаеме дека има пречки и разговаравме околу механизми за надминување на пречките. Има простор каде може да направиме нешто, но засега не би навлегувала во детали,“ рече Калас.

Македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјата.

Софија во 2022 година го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој, меѓу другото, предвидува внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав.

На иста линија со Калас беа и пораките од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој минатата недела исто така од Скопје порача дека проширувањето е заедничка цел и дека ова е најдобрата геостратешка инвестиција во мирот и безбедноста, и оти местото на Северна Македонија е во Европската унија.

Кошта истакна дека постојат обврски кои мора да се реализираат за да се оствари напредок во пристапниот процес на земјата. Тој повика на уставни измени за вклучување на бугарското малцинство, како што беше договорено во 2022 година.

Калас, заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, учествуваше на отворањето на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во ноември 2024 година.

Калас и Мисајловски ја посетија и касарната „Илинден“, каде што се сретнаа со членовите на Постојаната организација на Балканската медицинска наменска сила (БМНС) и ја разгледаа опремата набавена со поддршка на Европскиот мировен фонд.

Од 2023 година, Советот усвои три билатерални пакети за поддршка во рамките на Европскиот мировен фонд за зајакнување на капацитетите на Армијата на Северна Македонија. Со вкупно 38 милиони евра, фондот обезбедува воена опрема и обука во области како што се логистика, инженерство, разузнавање, надзор и извидување, електронско војување, мобилност, комуникациски и информациски системи, медицинска опрема и опрема за обука.

Пред да допатува во Скопје, Калас ги посети Белград и Приштина. Ова е нејзина втора посета на регионот по преземањето на должноста, откако претходно од 7 до 9 април престојуваше во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

Related posts

АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА „ТАРГЕТ -ТВРДИНА“

ninja

ЕУ формира Совет за олеснување на реформите и растот на Западен Балкан

admin

Над 4.1 милиони украинци се засолнети во ЕУ

admin

СРЕДБА ГРУБИ-АГЕЛЕР ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, РЕФОРМИТЕ И ВЕТИНГОТ

ninja

Австрија бара македонското МВР да го провери првоосомничениот за планиранирање терористички напад

admin

Груби – Гарсија: Шпанија го поддржува европскиот пат на Северна Македонија

ninja