Семејството на Фросина Кулакова во средата побара максимална затворска казна од 20 години за Васил Јованов, кој ја прегази нивната ќерка во јануари оваа година, како и дисциплинска постапка против судијката Снежана Марковска, која изрече казна од 12 години затвор.
Семејствата Ристовски, Радуловиќ и Лешков, кои исто така изгубиле блиски во сообраќајни несреќи, им изразија поддршка на Кулакови, обвинувајќи го судството за корупција и неправедни одлуки.
Марширајќи од Универзалната сала до Основниот кривичен суд во Скопје, семејството Кулакови го осуди судското решение, тврдејќи дека Јованов дејствувал со умисла, откако, според нив, во последен момент го сменил правецот на движење и ја удрил Фросина со брзина од 90 километри на час.
„Бараме 20 години затвор без олеснителни околности. Судот му изрече 12 години затвор на човек кој возел пијан, без возачка дозвола, и ја удрил нашата ќерка на пешачки премин, на црвено светло“, изјави Тодор Кулаков, таткото на Фросина. Тој ја обвини судијката Марковска за пристрасност и побара нејзино времено суспендирање.
Семејството побара од Судскиот совет да отвори дисциплинска постапка за Марковска и да се произнесе за можни надворешни влијанија врз случајот. Тие побараа и реформи, вклучително и воведување на ново кривично дело – „тешко дело со крајна небрежност со смртна последица“, со минимална казна од 15 години, како и создавање регистар на „опасни сторители“, на кои ќе им се забрани возење на одредени улици.
На протестот учествуваа и други семејства кои загубиле деца во сообраќајни несреќи. Билјана Радуловиќ, мајка на Алек Радуловиќ, кој загинал во 2021 година, рече дека не добила правда и обвини за корумпирано вештачење во судската постапка.
„Три години сме во судски лавиринт. Вештачењето беше платено, а одбраната не покажуваше ни најмало чувство на вина“, рече таа.
Сестрата на Теодора Ристовска од Тетово го критикуваше Јавното обвинителство што предложило олеснување на казната за возачот кој ја усмртил нејзината сестра и добил две години затвор.
„Зошто никој не ја испитува јавната обвинителка за тој предлог? Две и пол години тој не е во затвор, а ние две и пол години ја немаме Теодора“, изјави таа.