По средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц најави нова германско-украинската воена соработка, која вклучува развој на ракети со долг дострел.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Берлин ќе ѝ помогне на Украина во развојот на ново оружје со долг дострел, способно да погодува цели на руска територија, но одби да каже дали ќе му испорача на Киев ракети од типот Таурус.
За време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Берлин, Мерц најави и дека министрите за одбрана на двете земји ќе потпишат меморандум за соработка во производството на вакви системи за оружје, но не откри технички детали, ниту пак кои компании ќе бидат вклучени.
„Нема да има ограничувања во дострелот, со што Украина ќе може целосно да се брани, дури и против воени цели надвор од својата територија“, изјави Мерц на заедничката прес-конференција со Зеленски.
Посетата на Зеленски на Берлин доаѓа неколку дена по едни од најинтензивните ракетни и дронски напади на Русија врз Украина од почетокот на конфликтот, и во време кога американскиот претседател Доналд Трамп отворено ја изразува својата фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин.
Украинскиот претседател ја обвини Русија дека ги одложува мировните преговори и дека нема намера да ја прекине тригодишната инвазија, додавајќи дека „постојано ќе бара причини да не го заврши војувањето“.
Мерц нагласи дека „масовните воздушни напади, особено врз градот Киев изминатиот викенд, не зборуваат на јазикот на мирот, туку на јазикот на агресивна војна“.
„Ова е шамар за сите што се обидуваат да постигнат прекин на огнот – и во самата Украина, и во Европа, и во САД.“
Тој предупреди дека „одбивањето на руската страна да учествува во преговори и да почитува примирје веќе има последици, а ние ги согледуваме и применуваме тие последици секојдневно“.
Мерц исто така се осврна на извештаите дека Русија и американски инвеститори се надеваат на обновување на испораките на руски гас преку оштетениот гасовод „Северен тек“ низ Балтичкото Море, ветувајќи дека Германија „ќе направи сè” за тоа да не се случи.
Мерц, кој стапи на функција на почетокот на овој месец, вети силна поддршка за Украина, но без да прецизира какво оружје испраќа Германија.
Тој рече дека заедничкото производство на оружје со долг дострел „може да се одвива и во Украина и овде во Германија“, додавајќи дека „дополнителни детали нема да бидат објавени до понатамошно известување“.
Мерц го поздрави проектот како „почеток на нова форма на воено-индустриска соработка меѓу нашите земји, со голем потенцијал“.
Овој месец, во телевизиско интервју, Мерц потсети дека „повеќе не постојат ограничувања во дострелот на оружјето кое ѝ се испорачува на Украина – ниту од страна на Велика Британија, ниту од Франција, ниту од нас, ниту од САД“.
„Тоа значи дека Украина сега може да се брани, на пример, со напади врз воени позиции во Русија… Со неколку исклучоци, тоа досега не го правеше. Сега може да го прави тоа.“
Официјална Москва ги осуди како провокации изјавите на германскиот канцелар за развој на заедничко оружје со долг дострел во средата.
„Ова е многу опасен тренд, и неодговорна позиција од страна на Германија“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. /DW