По договорот за стратешко партнерство меѓу Обединетото Кралство и Македонија, во рамки на тој договор во четврток ќе се потпише и втор – договор Влада со Влада, кој ќе ги прецизира условите за поголема трговска размена и инвестиции од Велика Британија во Македонија.
Британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон, потсети дека има договор за трговија потпишан пред пет години меѓу двете земји, но оти на двете страни постоело мислење дека е погодно време да се направи и дополнителен исчекор.
Осврнувајќи се на економскиот аспект на договорот, посочи дека Велика Британија е втор најголем инвеститор во Македонија.
„Ние, како Велика Британија, сме слободна трговска нација и мислиме дека ова ќе даде импулс, затоа што работевме многу напорно за формирање на британска бизнис асоцијација. Имаме фантастична листа на бизниси тука кои веќе инвестирале и кои сакаат да ја продлабочат нашата врска. Договорот Влада со Влада, кој ќе го потпишеме оваа недела во Велика Британија, е дел од тоа пошироко партнерство и се надеваме дека ова дополнително ќе даде поттик за инвестирање на стотици милиони фунти од значење за британската економија и стотици милиони фунти од значење за вашата економија, што сум сигурен дека граѓаните ќе ги видат”, рече амбасадорот на ТВ Сител.
Голема трансформација
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ќе ја предводи македонската делегација во Лондон и ќе го потпише договорот Влада со Влада, објасни дека тој точно ги утврдува секторите на соработка.
„Во него се наведува дека ќе се воспостави партнерство за поддршка, за да се испорачаат инфраструктурни и проекти во здравството, транспортот, технологијата енергијата и останатите сектори“, рече Николоски.
Со договорот, Владата на Обединетото Кралство преку нејзиниот механизам – надворешно финансирање – ќе ѝ стави на Македонија на располагање 5 милијарди фунти. Тоа е лимитот на финасиската рамка што земјата може да ја користи во рамките на ова партнерство и таа е со неограничен временски период, односно не постои обврска дека мора да се искористи во одреден временски рок. Исто така, не значи и дека сите средства мора да бидат искористени, туку тоа ќе се димензионира според потребите што ги има Македонија. Во договорот е предвидена и размена на знаења и најдобри практики од разни сектори, што ќе донесе многу британски експерти во земјата.
„Овие два договора треба целосно да ја трансформираат Македонија како општество и како држава, и да ја однесат на едно друго ниво“, изјави Николоски.
Вчера и британскиот амбасадор ги посочи секторите во кои ќе се оствари првата соработка.
„Се надевам дека многу брзо ќе ги видиме првите знаци на конкретна соработка, како изградба на болници и железничка инфраструктура. Идејата е Велика Британија сето ова да го овозможи брзо и ќе вложиме напори тоа да го направиме“, рече амбасадорот Лосон.
Пет почетни проекти
Според Николоски, неслучајно за почеток се одбрани двата најбитни сектори – инфраструктурата и здравството, за кои биле подготвени проекти за околу две милијарди фунти. Првиот голем проект е брзата железница од Табановце до Гевгелија. Ќе се користи постојната рута, (Табановце – Куманово – Скопје – Велес – Неготино – Демир Капија – Гевгелија), но ќе биде изградена целосно нова линија со два колосека. По едниот колосек ќе транзитираат патничките возови со брзина до, и над 160 километри, а вториот ќе биде карго колосек на кој ќе се движат само товарни возови со брзина од 110 до 120 километри на час и со можност да транзитираат возови со најголема должина, од 750 метри. Според првичната пресметка, Николоски посочи дека овој проект ќе чини од 1,7 до 1,9 милијарди евра.
„Но, ако Македонија ја постигне целта преземена со планот за раст – 327 илјади тони превезена стока по километар, во таков случај само од транзит треба да добива 120 милиони евра годишно, што значи дека инвестицијата во пругата ќе се врати (…) Ова се инвестиции кои се враќаат трикратно или четирикратно. Секоја фунта што ќе биде потрошена е во инфраструктурни проекти коишто го креваат БДП, а растот на БДП ќе значи и пад на јавниот долг, што дополнително ќе го подобрува кредитниот рејтинг на Македонија”, образложи министерот за транспорт.
Брзата патничка пруга ќе биде дел и од системот на градски воз, на кој во моментов се работи, а кој ќе го поврзе и скопскиот аередром со главниот град.
Третиот проект е во делот на здравството: изградба на Клиничката болница во Штип, изградба на нов Медицински факултет и студентски дом за потребите на тој факултет, со најмалку 200 легла. Четвртиот проект е целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово, а петтиот изградба на нова болница во Кичево.
Откако ќе се реализираат, во втората фаза ќе се размислува за такви проекти и во други општини, а останува и амбицијата за изградба на нов клинички центар во Скопје. /DW