Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во вторник изјави дека Копенхагенските критериуми ќе ја трансформираат Македонија во „стандардна европска досадна држава“, додавајќи дека ветото не е пријателски инструмент и дека земјата треба да ја следи сопствената државна агенда.
По средбата во Скопје со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој престојува во официјална посета, двајцата лидери ја потврдија цврстата поддршка на Загреб за евроинтеграциите на Скопје и ја истакнаа важноста на соработката во рамките на НАТО.
„Хрватска е искрен македонски пријател и поддржувач на патот кон ЕУ, без отворени прашања и со силна посветеност на стабилен и просперитетен регион“, рече Сиљановска-Давкова.
Милановиќ повика земјата да не биде „жртва на изнудување“ во процесот на пристапување во ЕУ. „Македонија не треба да прифати притисоци за членство. Работете по свое – вие одлучувате што е важно за вас“, рече тој.
Хрватскиот претседател додаде дека Македонија, како членка на НАТО, е безбедна, но предупреди дека ветата како што е бугарското, може да го блокира процесот на интеграција.
„Јасно е дека треба консензус. Се додека некој е против, Македонија не може да оди напред. Прашањето е дали ова сè уште е најважната работа за вас и вашите граѓани“, рече Милановиќ.
Сиљановска-Давкова, повикувајќи се на европското право, рече дека ветото не е пријателски инструмент и предупреди дека може да предизвика нови проблеми. Таа додаде дека земјата нема да биде „осамен случај“ и повика на разбирање во рамките на Копенхагенските критериуми.
„Ние мораме да ја следиме нашата државна агенда – економски, образовно, научно“, рече таа, нагласувајќи дека земјата е значително напредната во усогласувањето со европското законодавство.
Таа додаде дека граѓаните и понатаму ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ, но ја опиша актуелната состојба како „неодржлива“, што, според неа, влијае не само врз земјата, туку и врз кредибилитетот на ЕУ во доменот на проширувањето.