Бугарското Народно собрание во петокот усвои одлука со 194 гласа „за“ и без ниту еден „против“ или „воздржан“, со која ја потврдува поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија во согласност со консензусот од јули 2022 година.
Пред гласањето, пратениците усвоија и три редакциски амандмани на текстот.
Во усвоената одлука се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот договор постигнат во 2022 година и ги повикува властите во Скопје строго да ги исполнуваат преземените обврски.
„Секој обид во рамките на институциите на ЕУ да се преразгледаат, заобиколат или игнорираат елементи од постигнатите договорености е неприфатлив“, се наведува во документот.
Одлуката вклучува и повик до институциите на ЕУ да продолжат со конкретни активности за гарантирање на правата на Бугарите во Северна Македонија, како и на другите заедници, вклучувајќи го и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно-историско наследство, јазик, семејна меморија и идентитет.
Софија очекува Скопје, во согласност со европскиот консензус, да изработи и да презентира таргетиран Акциски план за заштита на правата на лица кои припаѓаат на малцинства и заедници, како дел од Патоказот за владеење на правото. Планот треба да содржи конкретни, мерливи и ефективни мерки за заштита на човековите права на ранливите групи и ќе биде предмет на следење во текот на целиот пристапен процес кон ЕУ.