Одлуката на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, да ја напушти Владата на Северна Македонија ја отвора вратата за нова фаза на политичка нестабилност, особено во редовите на албанскиот политички блок, кој веќе неколку месеци се соочува со внатрешни судири.
Иако официјалното образложение за повлекувањето се врти околу “неисполнети ветувања” и “маргинализација на Албанците”, суштината на конфликтот оди подлабоко – до прашањата за влијание, контрола и различни визии за улогата на албанските партии во владеењето.
Раздор наместо реформи
Таравари тврди дека Владата не го испорачала ветениот Закон за правична застапеност, кој требаше да го замени спорниот „балансер“, механизам кој албанските партии го сметаат за застарен и дискриминаторски. Но неговата критика оди и подалеку – тој ја обвини Владата дека го загубила курсот кон Европската Унија и дека само формално ги вклучува Албанците во процесите.
“Не сакаме да бидеме алатки во рацете на Влада која не ги слуша нашите интереси,” изјави Таравари, најавувајќи дека Алијансата ќе се префрли на локалната сцена со цел „да се врати посилна“.
„Тројански коњ“ или жртва на статус кво?
Реакцијата на останатите коалициски партнери беше брза и остро насочена. Изат Меџити од Демократско движење го обвини Таравари за предавство и саботажа: „Ти не ја напушташ Владата. Ти ја предаде Владата,“ напиша тој, повикувајќи ги разочараните поддржувачи на Алијансата да преминат во редовите на ВЛЕН.
Градоначалникот на Тетово и лидер на БЕСА, Биљал Касами, оди дури и подалеку, нарекувајќи го Таравари „тројански коњ“ кој одвнатре го поткопувал коалициското работење. Според него, преговорите за клучниот закон биле опструирани токму од луѓето блиски до Таравари, наместо од Владата.
Излез за нов почеток?
Иако во моментов Алијансата за Албанците изгледа ослабена од внатрешни поделби, историски гледано, токму ваквите потези – од позиција на опозиција – знаеле да се претворат во политички капитал, особено ако ВЛЕН не успее да испорача конкретни резултати на терен.
Додека Владата се обидува да одржи стабилност, а ВЛЕН – да зачува кредибилитет, Таравари игра на картата на политичка доследност. Дали ќе му успее – ќе се види веќе на локалните избори во октомври.