Првиот заменик-премиер, Изет Меџити, изнесе сериозни обвинувања на сметка на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, оценувајќи дека таа станала „инструмент на Демократската унија за интеграција (ДУИ)“ во, како што рече, неуспешен обид за предизвикување дестабилизација на локално ниво.
Меџити, кој доаѓа од редовите на Влен, за Алсат изјави дека ДУИ претходно се обидела да предизвика тензии преку Арбен Таравари, а откако тој план не успеал, сега ја користи Арсовска за истата цел.
„Жал ми е што Арсовска, заедно со Левица, се дел од тој план на ДУИ за дестабилизација. Добро е што на крајот од нејзиниот мандат се сети дека постојат Чаир и Скопје, бидејќи досега не ја видовме да се занимава со нив“, изјави Меџити. Тој најави дека во следните денови ќе излезе со дополнителни информации во врска со нелегалната градба во општините Чаир, Сарај и други делови на државата.
Тој додаде дека инспекциските служби имаат евиденција за сите случаи и ги повика институциите да постапуваат во рамките на своите надлежности.
Во меѓувреме, од Јавното обвинителство потврдија дека добиле пријава поврзана со нелегални градби во Чаир, за кои изминативе денови зборуваше градоначалничката Арсовска. Таа тврди дека во Чаир се изградени над 150 објекти без соодветна документација, иако биле заведени во Катастарот. Градот Скопје, според неа, ги одбил барањата за легализација.
Обвинителството соопшти дека е во тек предистражна постапка.
Во јавноста, исто така, се поставуваат прашања за досегашниот ангажман на Арсовска во врска со проблемите на скопјани. Дел од коментарите потсетуваат дека таа за време на изборната кампања најави изградба на пет нови мегапаркови, пет нови булевари, воведување бесплатен јавен превоз, гасификација на градот, намалени цени за паркинг, 250 нови еколошки автобуси и нов лунапарк, но најголем дел од овие проекти не се реализирани.