27.8 C
Скопје
14 јуни, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Европратеникот Вајц го одложи гласањето за извештајот за Северна Македонија по притисок од бугарски пратеници

Гласањето за извештајот за напредокот на Северна Македонија беше одложено за 24 јуни по предлог на известувачот на Европскиот парламент, австрискиот европратеник Томас Вајц, поради, како што наведе, интензивната дебата и притисоци од бугарски европратеници.

„Целосно стојам зад содржината на извештајот, но мојата задача не е да го решавам спорот меѓу Македонија и Бугарија“, рече Вајц на денешната седница на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), истакнувајќи дека билатералните прашања и правата на малцинствата се европски теми.

Одложувањето следи по обвинувањата од бугарски пратеници дека Вајц имал „ненајавени средби“ со македонски власти и го компромитирал процесот, со што според нив е доведена во прашање објективноста на документот. Вајц доби поддршка од дел од европратениците, вклучително и од Дан Барна (Романија) и Санчез Амор (Шпанија), кој ја осуди „валканата и невообичаена“ кампања против австрискиот колега.

Бугарските европратеници Ивајло Валчев („Има таков народ“) и Станислав Стојанов („Преродба“) го поздравија одложувањето, оценувајќи го како „мудра и одговорна одлука“, а Стојанов побара истрага за наводни неправилности во подготовката на извештајот.

Во нацрт-извештајот, Вајц апелира за одржување на моментумот во евроинтеграцијата на Северна Македонија и ја истакнува потребата од усвојување на уставните амандмани. „Сите политички партии треба да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне консензус што ќе го засили мултиетничкиот карактер на државата“, се вели во текстот.

Во документот се оценува дека демократските институции функционираат задоволително, но политичката поларизација ја забавува реформската агенда. Се повикува на засилени напори за владеење на правото, борба против корупцијата, независност на судството и транспарентност во медиумската сопственост.

За извештајот се предложени 313 амандмани. Посебно внимание привлекоа тие што се однесуваат на македонскиот јазик и идентитет. Вајц и претседателот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер, предложија нова точка со која се истакнува „постојаното признавање на македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“. Слични амандмани поднесоа и европратеници од Холандија, Романија, Естонија, Литванија и Хрватска.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, изрази надеж дека Европскиот парламент ќе ги поддржи амандманите кои го гарантираат македонскиот идентитет. „Шокантно е во 21 век да се оспорува нечиј идентитет во институција која се повикува на фундаментални европски вредности“, рече таа.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека споменувањето на македонскиот идентитет во извештајот е историски важен чекор и одговор на, како што рече, обидите на некои бугарски пратеници да ја наметнат тезата за „вештачко создавање на македонската нација“.

На дебатата во АФЕТ, еврокомесарката за проширување Марта Кос повика Скопје и Софија да започнат интензивен дијалог за решавање на билатералните прашања и изјави дека е подготвена да посредува.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев возврати дека „нема билатерално прашање, туку само заклучоци на Советот кои мора да се исполнат“, но Кос истакна дека тоа е и европско и билатерално прашање кое бара разговори меѓу членка и кандидатка.

Во придружната изјава, Вајц вели дека „фрустрацијата од неисполнетите ветувања ја поткопува поддршката за ЕУ“, но дека сегашниот момент е можност за напредок. Тој изрази загриженост што со т.н. „француски предлог“ процесот на проширување се користи за решавање на културни и историски спорови, предупредувајќи дека тоа претставува преседан.

Related posts

ЕУ со нови 2.1 милијарди за развој на Западен Балкан

admin

Новата развојна банка БРИКС го овласти Алжир да се приклучи

admin

Овој е најопасниот хакер на светот

admin

Дали Албин Курти ја обединува албанската опозиција во С.Македонија?

admin

Зошто се случи глобален прекин на Windows?

admin

ДУИ: Македонците доминираат во армијата, стратегијата на државата е анти-НАТО

admin