Кремљ во петок категорично ги отфрли медиумските извештаи дека министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ја изгубил довербата на претседателот Владимир Путин, откако беше откажан планираниот самит со САД во Будимпешта.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека шпекулациите за смена на Лавров се „целосно невистинити“ и дека ветеранскиот дипломат останува на својата функција.
Извештаите следат по тврдењата на независниот медиум The Moscow Times, според кои Путин го отстранил Лавров од јавноста поради неуспешниот телефонски разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио, по кој Вашингтон го откажа самитот.
Руските медиуми, меѓу кои и Комерсант, наведуваат дека Лавров со „предходен договор“ не присуствувал на состанокот на Советот за безбедност на Русија одржан на 5 ноември, кога Путин ги повика постојаните членови да разгледаат можност за обновување на нуклеарните тестови — први по повеќе од три децении.
Според официјалната страница на руското Министерство за надворешни работи, последното јавно појавување на 76-годишниот Лавров било на 28 октомври во Минск, на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност.
Кремљ потврди дека оваа година Лавров нема да ја предводи руската делегација на самитот на Г20 во Јоханесбург. Наместо него, делегацијата ќе ја предводи заменик-шефот на претседателската администрација, Максим Орешкин. Путин, кој е под меѓународна потерница од Меѓународниот кривичен суд, повторно нема да присуствува на самитот.
Извештајот на Financial Times наведува дека откажувањето на самитот било резултат на непопустливиот став на Москва, која одбила компромис околу прекинот на огнот во Украина.
Лавров, кој повеќе од две децении е на чело на руската дипломатија, останува еден од најдолговечните и најлојални сојузници на Путин.

