Основниот кривичен суд во Скопје го одобри обвинителниот акт против поранешните директори на Клиниката за онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, како и против четворица онколози, во случајот познат во јавноста како „Онкологија“.
„Советот за оцена на обвинителен акт, постапувајќи по обвинението со К – ООА 128/25, донесе решение со кое приговорот на одбраната се одбива, а обвинителниот акт се одобрува“, соопшти Кривичниот суд. По одобрувањето, предметот е заведен под број К.бр. 1069/25 и ќе биде распределен кај судија за натамошна постапка. Терминот за главна расправа ќе биде објавен на судскиот календар.
Обвинението поднесено на 22 мај се однесува на два аспекта: финансиски злоупотреби и несоодветен третман на пациенти со рак. Нино Васев е обвинет за злоупотреба на службена положба и загрозување на здравјето на пациенти.
Обвинителството наведува дека најмалку 29 пациенти биле третирани спротивно на онколошките протоколи, со погрешно дозирање на терапија. Осомничените се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, несовесно лекување, измама и проневера во служба.
Истражната постапка за случајот започна откако медиумите објавија информации за неправилности во третманот на онколошки пациенти, вклучувајќи и наводи дека скапа биолошка терапија завршувала на црниот пазар во Косово.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, вклучително и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања за итно расчистување на скандалот.