Лидерите на најголемите политички партии во Северна Македонија постигнаа начелна согласност техничката, таканаречена Пржинска влада да се укине, со можен компромис тоа да важи по следните парламентарни избори доколку сега не се обезбеди целосен консензус, соопштија учесници по денешната лидерска средба.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека на средбата не било разговарано за предвремени избори и дека целта е да се најде решение што ќе биде прифатливо за сите парламентарни групи. „Сите се согласија дека техничката влада треба да замине во минатото. Ако нема согласност за следните избори, компромисот е тоа да важи за изборите по нив“, рече Мицкоски, додавајќи дека не сака одлуки „на сила“, иако за измените е потребно просто мнозинство од 61 пратеник.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, средбата ја оцени како „изненадувачки конструктивна“ и рече дека е отворена можност до јуни да се донесе нов Изборен законик. Според него, се разговарало за воведување една изборна единица, со или без изборен праг, како и за отворени или затворени листи. Апасиев потврди дека биле разгледувани две опции за укинување на техничката влада – веднаш или по следните избори, во зависност од ставот на СДСМ.
ДУИ, преку лидерот Али Ахмети, изрази поддршка за една изборна единица со праг од 5% и отворени листи, но оцени дека за укинувањето на Пржинската влада се потребни дополнителни консултации со Европската унија и Соединетите Американски Држави, како коавтори на моделот. Ахмети побара и дополнителни разговори за изборот на Народен правобранител, за кој, како што рече, сè уште нема доволен консензус.
Движењето ЗНАМ и коалицијата „Вреди“ се изјаснија дека техничката влада треба да се укине, при што прифатија компромис – ако нема целосна согласност сега, таа да важи уште за следните избори, а потоа да биде укината. ЗНАМ инсистира и на една изборна единица и поддршка на реформските закони, вклучително и оние поврзани со проектот „Безбеден град“.
На средбата се разговарало и за Законот за прекршоци, потребен за старт на „Безбеден град“, за изборот на Народен правобранител и за изборниот модел, вклучително и поголемо учество на дијаспората во гласањето.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, не присуствуваше на средбата. Тој изјави дека партијата не се согласува со укинување на техничката влада додека, според него, не се исполнат условите од реформската агенда и не се обезбедат гаранции за фер и демократски избори.
Учесниците оценија дека дебатата била конструктивна и дека разговорите ќе продолжат на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието.

