28.2 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ДОКУМЕНТАРЕЦ | Од изолација до Алијанса: Патот на Северна Македонија кон НАТО

Северна Македонија официјално стана 30-та членка на НАТО на 27 март 2020 година, со што беше заокружен речиси тридеценискиот процес на евроатлантска интеграција, обележан со политички кризи, регионални спорови и длабоки институционални реформи.

 

Членството во најмоќниот воено-политички сојуз во светот претставуваше стратешки пресврт за земјата, со последици што се протегаат далеку надвор од доменот на одбраната: од трансформација на безбедносно-разузнавачкиот сектор, преку зајакнување на демократскиот надзор, до влијание врз економската стабилност и инвестициската клима.

„Патот беше долг, со многу предизвици и исчекувања, но со силна политичка волја и поддршка од граѓаните, целта на крајот беше остварена,“ изјави поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска.

Според Трајан Гоцевски, првиот министер за одбрана на независна Македонија, процесот бил континуиран и јасно дефиниран уште од почетокот на 1990-тите. „Станува збор за 28 години движење по утврден евроатлантски коридор, кој на крајот обезбеди долгорочна стабилност за државата,“ рече тој.

Од политички спорови до институционална трансформација

Еден од клучните застои на патот кон НАТО беше долгогодишниот спор со Грција околу името, кој формално беше надминат со Преспанскиот договор во 2018 година. Паралелно, земјата се соочи и со внатрешни безбедносни предизвици, вклучително и конфликтот во 2001 година.

„Тоа беше сериозен потрес за државата, но политичките актери и општеството покажаа дека можат да продолжат напред заедно, преку Охридскиот рамковен договор и неговата имплементација,“ оцени Петровска.

Аспирациите за членство во НАТО значеа и темелна реформа на разузнавачко-безбедносната заедница, со фокус на професионализација, отчетност и усогласување со НАТО-стандардите.

Диана Голубова, поранешна вработена во Агенцијата за разузнавање, вели дека подготовките започнале години пред формалниот влез. „Агенцијата мораше да ги усогласи процедурите за физичка и информациска безбедност, класификацијата на информации и пристапот до нив, согласно строгите критериуми на НАТО,“ рече таа.

Баланс меѓу безбедноста и човековите права

Реформите во безбедносниот сектор, според универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев, имаат посебна тежина во актуелниот геополитички контекст. „Клучно е што тие воспоставуваат баланс меѓу заштитата на човековите права и националната безбедност,“ изјави тој.

По пристапувањето, соработката со партнерските служби во НАТО значително се интензивирала, а воведувањето на нови правила и процедури го подобрило функционирањето на институциите, оценуваат поранешни и сегашни функционери.

Сепак, процесот не е без контроверзии. Извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски, предупредува дека деполитизацијата – еден од клучните НАТО-стандарди – останува предизвик. „Во последната година се забележува зголемено политичко влијание во безбедносно-разузнавачкиот сектор, што не е во согласност со стандардите на Алијансата,“ рече тој.

Демократски надзор и јавна отчетност

И покрај ограничениот пристап до класифицирани информации, соговорниците оценуваат дека членството во НАТО го проширило просторот за јавна дебата, истражувачко новинарство и демократски надзор.

Новинарот Миомир Серафиновиќ вели дека иако земјата сè уште не е на нивото на постарите членки, напредокот е видлив. „Има позитивно придвижување, особено во делот на надзорот и зголемувањето на довербата во институциите,“ изјави тој.

Како членка на НАТО, Северна Македонија има еднаков формален глас во Алијансата, вклучително и право на вето. Истовремено, членството носи и зголемени обврски, меѓу кои и растечки инвестиции во одбраната.

Професорот Абдулменафи Беџети предупредува дека зголемувањето на трошоците од сегашните 2% кон 3% од БДП претставува краткорочен фискален ризик, но долгорочните придобивки, според него, ги надминуваат трошоците.

Дополнителен фактор на влијание е и присуството на македонски кадар во високото раководство на НАТО, вклучително и функцијата заменик генерален секретар, што, според поранешниот пратеник Исмет Рамадани, има и симболична и практична тежина.

Безбедност, инвестиции и економски раст

Економските индикатори по 2020 година покажуваат умерено, но стабилно подобрување. Според анализите, во периодот 2020–2023 година, земјата реализирала околу 2,1 милијарда евра странски директни инвестиции, најголем дел од земји-членки на НАТО.

Просечниот економски раст во истиот период се зголемил на околу 2,8–3% годишно, во споредба со 2,1% во двете децении претходно, додека околу 80% од македонскиот извоз е насочен кон земји-членки на Алијансата.

Колективна одбрана во неизвесен свет

Членството во НАТО, според поранешната министерка Петровска, значително ги зајакнало капацитетите за справување не само со конвенционални, туку и со хибридни закани. „Денешните безбедносни ризици често се невидливи, но подеднакво опасни,“ рече таа.

Во услови на глобални конфликти и растечка геополитичка неизвесност, припадноста кон силен сојуз се покажува како клучен фактор за стабилноста на малите држави, оценуваат соговорниците.

„Самостојно, на долга патека, тешко може да се издржи. Стабилноста зависи од тоа во колку сојузи сме и колку сме доверлив партнер,“ дециден е Гоцевски.

 

Related posts

„Електронски нараквици“ – Зајкова со критики до Собранието

admin

Русија го исклучува интернетот: Дали Кремљ подготвува тотална цензура?

admin

Кренар Лога се повлекува од Алијансата за Албанците

admin

Ковачевски му нудел на Мицковски „пола-пола“: Тоа е најфер, братски

admin

Изборите во Бугарија сигнализираат политички пресврт по години на застој

admin

Стефан Андоновски вооружен до заби со оружје кое вреди илјадници евра

admin