Коалицијата ВЛЕН соопшти во неделата дека нивниот политички ангажман за унапредување на инфраструктурата добива конкретна форма со пуштањето во употреба на делницата од автопатот Кичево–Охрид, како дел од паневропскиот Коридор 8.
„Овој капитален проект, кој со години беше заглавен и стана симбол на неспособност и сомнежи за злоупотреби, конечно се реализира со нова динамика, без сенки и со целосна транспарентност“, се вели во соопштението на ВЛЕН.
Партијата нагласува дека Коридорот 8 претставува повеќе од само патна инфраструктура – тој е, според нив, „оска на економскиот развој, регионалното поврзување и европската интеграција на Северна Македонија“.
„Новата делница значително го скратува времето на патување кон границата со Албанија, а инвестицијата веќе носи конкретни придобивки за граѓаните“, соопштија од ВЛЕН.
Од таму додаваат дека остануваат посветени на реализација на сите значајни национални проекти, со фокус на ефикасност, отчетност и еднаков развој во сите делови од земјата.

