Опозициската партија Левица остро ја критикуваше владејачката ВМРО-ДПМНЕ поради иницијативата за заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент, обвинувајќи ја дека ја прифаќа „играта на големобугарскиот империјализам“ и дека тргува со македонскиот идентитет и јазик.
Во соопштението објавено во понеделникот, Левица оцени дека предлогот за резолуција го легитимира „преговарањето за неспорни прашања“, како што се македонскиот јазик и националниот идентитет, и го нарече „срамен обид“ за заеднички настап со земја која, како што наведуваат, „со години ги негира македонските културни и историски особености“.
„Македонија веќе го смени своето знаме и уставното име под странски диктат – сега е на чекор од укинување на сопствениот службен јазик“, се наведува во соопштението. Партијата го обвини Министерството за надворешни работи, предводено од Тимчо Муцунски, за „дезориентирана политика“ која, според нив, повторно ги отвора веќе затворени идентитетски прашања.
Левица посочи дека премиерот Христијан Мицкоски, кој порано тврдеше дека нема да се преговара за идентитетски теми, сега покажува „целосна капитулација“.
„Патриотите од ДПМНЕ, откако седнаа во фотелјите, не само што го продолжуваат курсот на СДСМ, туку и го продлабочуваат“, се вели во реакцијата. „Македонија се претвора во држава без кичма, која тргува со сопственото достоинство за неколку аплаузи од Брисел.“
Партијата побара институциите да се оградат од, како што ги нарекоа, „иницијативи кои го доведуваат во прашање македонскиот јазик, историја и идентитет“.
„Евроинтеграциите мора да се темелат врз Копенхашките критериуми и реални реформи – а не врз уцени кои го понижуваат македонскиот народ“, се наведува во заклучокот на соопштението.
