Министерот за здравство Азир Алиу обвини за дезинформации: Тврди дека решава децениски проблем со 155 здравствени работници без договор во Тетово
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека владата конечно решава децениски проблем со 155 лица кои, како што рече, со години работеле без договори во Клиничката болница во Тетово. Тој ги отфрли тврдењата на неговиот претходник Арбен Таравари дека новите вработувања се спротивни на мислењето на Фондот за здравствено осигурување, нарекувајќи ги „лажни вести“.
„Ако сакаме да зборуваме за ‘фејк њуз’, тогаш јас ќе зборувам со факти. Денес решаваме проблем што 10 години не беше решен. Овие 155 лица работеа без договор, некои дури и без надомест, ангажирани од луѓе блиски до политиката“, изјави Алиу на прес-конференција.
Тој додаде дека со новите вработувања се обезбедува правна сигурност и достоинство за здравствените работници, а паралелно се водат постапки за нови вработувања и во други установи низ државата, вклучително и службите за итна медицинска помош.
Таравари, кој беше министер во претходната влада, за ТВ24 рече дека документот што го објави е автентичен и може да се најде во архивата на Министерството за здравство. „Баба лаже, трап не лаже. Сè е заведено во архивата“, рече тој.
Во меѓувреме, пратеничката група на опозициската Левица поднесе предлог-закон за измена на Законот за здравствена заштита. Со него, како што соопштија од партијата, се настојува да се стави крај на партиските вработувања во секторот.
„Сегашниот закон му дава дискреционо право на директорот на секоја здравствена установа да одлучува кој ќе биде вработен, што отвора простор за политички влијанија“, соопшти Левица.

