Лидерот на бугарската партија „Има такъв народ“ (ИТН), Слави Трифонов, изјави дека Европскиот парламент ги избришал формулациите за „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за напредокот на Северна Македонија, благодарение на, како што рече, јасната позиција на Бугарија.
„Денеска Бугарија направи нешто што ретко го прави – го одбрани својот национален интерес. Претензиите за некаква ‘македонски идентитет’ и ‘македонски јазик’ беа избришани од извештајот за европскиот пат на Северна Македонија“, напиша Трифонов на Facebook.
Тој оцени дека успехот се должи на три фактори: официјалната резолуција предложена од ИТН и поддржана од сите парламентарни партии во бугарското Собрание; „организираната, доследна и деноноќна работа“ на бугарските европратеници; како и, според него, реакцијата против штетната надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков.
„Благодарение на нашите европратеници, многу членови на Европскиот парламент ја разбраа и безусловно ја поддржаа бугарската позиција“, рече Трифонов, додавајќи дека Бугарија ќе продолжи да реагира секогаш кога, како што рече, нејзиниот национален интерес или правата на Бугарите во ‘таканаречената држава Северна Македонија’ се загрозени.“
Тој го обвини Петков и неговата партија „Продолжаваме Промената“ за водечка улога во, како што рече, „двојната и слабата дипломатија“ која ги охрабрила властите во Скопје да ги зголемат своите барања во ЕУ процесот.
Во Европскиот парламент, трите најголеми политички групи – Европската народна партија (ЕНП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (С&Д), и либералната група „Обнова на Европа“ – се согласија да ги поддржат амандманите со кои се бришат спомнувањата на „македонскиот јазик и идентитет“ од извештајот за 2023–2024 година.

