Пишува: Ивон Величковски
Поразот на заедничката надворешна политика на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со Извештајот на ЕП од четвртокот брзо беше прекриен со “ергенскиот данок” вчера и денес.
Согледувајќи дека паднаа во сопствената стапица на лицитирање со македонскиот јазик и идентитет за закочување на македонските евроаспирации, скопските подружници на СНС и СПС побрзаа да ја променат темата: Мицкоски “спонтано” отвори тема за “ергенскиот данок”, орбитата на Филипче “принципиелно” ја надгради… И одеднаш – “загрозениот идентитет” стана заборавена тема.
Зарем е можно, ќе се запрашате, Брисел така добро да ја скенирал ситуацијата и да ги познава Македонците подобро од нивните партии?
Одговорот е: Да.
Брисел знае дека Македонците не се претставени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и воопшто од партиите во Собранието.
ЕУ јасно проценила дека Македонците не се информираат од медиумите на олигархијата која не е ниту македонска ниту северно македонска, туку југословенско-советска и со тоа – туѓа за Македонците.
И затоа ги третира темите од интерес на Македонците, а не од интерес на југо-македонистичкиот естаблишмент во Скопје.
Затоа да понудам блиска и поврзана тема за размислување вон шините на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а навидум не ги допира “идентитетските прашања”.
Сеќавањето на личностите од интерес на националната и светската историја е дел од колективната свест на една нација и народите во неа. Именувањето на објекти и инфраструктура по значајни личности од историјата исто зборува за светогледот на народите и нациите и нивниот однос кон историјата и со тоа идентитетот на своите припадници, но и светот во кој чувствуваат дека припаѓаат.
Во таа смисла, да се прашаме дали една од најдолгите улици во Скопје, “Хо Ши Мин” во скопски Бутел, Чаир и Гази Баба… го одбележува неговиот придонес кон македонската независност?!
Свеста и идентитетот одат рака под рака. Кога со имиња на инфраструктура славиме идеолошки-надминати херои со кои немаме директна историска или општествена врска – немаме место за нашите херои или за луѓето од поблиското временско и просторно опкружување кои директно или индиректно се вградиле во нашата независност.
Имаме ул. “Бледски договор” и “ЈНА”, но не и “Ж.Желев” или “С.Демирел” кои ни го отворија коридорот за енергетско преживување на новата демократија, додека нашите олигарси не ставија под ембарго затоа што шверцуваа нафта за Милошевиќ.
Го одбележуваме Ленин со улица среде центарот на Скопје, но нема место за антикомунистот Б.Елцин кој ја призна независноста на (Северна) Македонија. За Хавел, Валенса, Ругова, Ѓинѓиќ… и да не зборуваме.
Зошто нема ни сокаче за било кого од врвот на Собранието кое го распиша Референдумот 1991 и ја усвои Декларацијата за независност, пр. за С.Андов или А.Алити, во Скопје или барем во нивните родни градови? Затоа што беа дел од правно-институционалниот процес кон сувереност и независност?
Зошто ниту едно плоштадче не може да го носи името на К.Црвенкоски? Затоа што го водеше институционалното осамостојување на СРМ при “жива СФРЈ” или затоа што го пензионираше Ранковиќ? Или обете? За С.Црвенкоски и да не зборуваме…
Кога ќе видиме дека со ништо не смееме да се сеќаваме на луѓето кои не подготвуваа, воведоа или ни помогнаа од надвор да дојдеме до независност и демократија – работите се сосем јасни:
Идентитетот на мени веќе трета деценија го нудат (актуелни) функционери од власта и опозицијата, олигарсите и нивните “интелектуалци” во медиумите и невладините.
За нив македонската етничка независност остварена низ националната и државната, заедно со припадниците на сите други народи во Северна Македонија – е крај на југо-комунистичката констелација на Скопје што им ја гарантираше доминацијата врз власта, информациите, финансиите и моќта.
За нив идентитетската тема е последниот употреблив влог за проблематизирање на евроинтеграциите, само за да си ги одржат поранешните позиции.
А ЕУ – “проклетството” што им ја руши идилата. И им ги отвора соработничките досиеја (нивни, на нивните предци или обете, зависно од возраста).