16.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

ЕКОНОМСКАТА ОДИСЕЈА: ПРЕДИЗВИЦИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ, НА ПОВИДОК СВЕТЛА ПЕРСПЕКТИВА

Пишува: Фатмир Бесими 

Октомври е месец кога првите луѓе од меѓународните финансиски организации, министрите за финансии и развој, гувернерите на централните банки, универзитетски професори, тинк-тенкови и невладини организации од целиот свет се собираат на едно место, на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Интересен податок: на Годишните средби учествуваат околу 10.000 делегати. Во изминатите 74 години, Средбите се платформа за дискусија за глобалните економски текови, развојните политики, финансиската стабилност, меѓународната соработка и постигнување одржлив економски развој. Во нивни рамки се договараат и нови програми за соработка и проекти со меѓународните финансиски организации, додека Годишните средби се и прилика за претставниците на владите да се сретнат со инвеститори ширум светот.

На Годишните средби, кои оваа година се организираа во Мароко, учествуваше и делегација која ја предводевме заедно со гувернерката на Народната банка. За време на средбите со Светска банка зборувавме за новата петгодишна рамка за соработка, која треба да се заокружи до крајот на годината, а преку која Светската банка ќе поддржи проекти за одржлив и зелен раст во земјава.

Со ММФ зборувавме за макроекономските состојби и Кредитната линија за претпазливост и ликвидност од половина милијарда евра која Фондот ни ја додели поради здравите економски фундаменти и политики. Остваривме и извонредно значајна средба со првиот потпретседател на Европската банка за обнова и развој, која во нашата независна економска историја има поддржано проекти во вредност од 2,55 милијарди евра. Целта е да се финансираат нови инвестициски проекти во приоритетни области за македонската економија. Севкупно, ова беа многу продуктивни средби за нашата земја, кои ќе обезбедат финансиска и техничка поддршка за понатамошно спроведување на реформскиот процес и јакнењето на потенцијалот за раст.

Успорување на глобалниот раст, економиите во развој под ризик

Поддршката од бретонвудските институции е особено значајна за економиите во развој и тоа во време на повеќе последователни глобални кризи, кои се преклопуваат и носат неизвесност во проспектите за раст. Во изминатите три години, вистина дека светската економија покажа огромна издржливост, но сепак закрепнувањето одеше бавно и нерамномерно. Имено, глобалниот раст денеска е под просекот од изминатите две декади пред пандемијата, додека среднорочните проекции се на најниско ниво во изминатите неколку децении. Според основното сценарио на есенските проекции на ММФ, дадени во Светскиот економски преглед, глобалниот раст во 2023 година ќе успори на 3% (во споредба со 2022 година кога изнесуваше 3,5%), додека во 2024 година на 2,9%, што е значително под историскиот просек од 3,8% во изминатите две декади (2000-2019 година). Кај развиените економии се очекува растот да успори од 2,6% во 2022 година на 1,5% во 2023 и 1,4% во 2024 година, како што затегнувањето на финансиските услови ќе почне да ги дава своите резултати. Кај брзорастечките и економиите во развој се очекува помало успорување на растот од 4,1% во 2022 година на 4% во 2023 и 2024 година.

Со оглед на нивото на развој и економскиот капацитет, економиите во развој се под најголем ризик. Разликите со развиените економии и региони во изминатите години уште повеќе се заострија, за што придонесоа и геоекономската фрагментација и климатските промени. Во изминатите две декади економиите во развој растеа со стапки од 6%, додека очекувањата се дека во следните 7 години просечниот раст ќе успори на 4%. Пресметката е дека со секој процентен поен помалку, глобално околу 100 милиони луѓе се туркаат во сиромаштија, додека дополнителни 50 милиони влегуваат во екстремна сиромаштија. За да се направи нешто во врска со тоа треба да се преземат одлучни чекори сега, координирани на глобално ниво.

Меѓународните финансиски институции, чија цел на формирање бил координиран одговор за време на кризи, зачувување на стабилноста на глобалната економија и поддршка за развој на економиите, секако ќе имаат носечка улога, заедно со креаторите на економските политики, за соочување и премостување на предизвиците кои се пред светот.

Бретонвудска историја

Идејата за формирање на бретонвудските институции, односно Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Меѓународната спогодба за царини и трговија (претходник на Светската трговска организација) дошла во 1944 година за време на Бретонвудската конференција, на која претставниците од 44 земји се собрале да разговараат за светската економија и меѓународниот монетарен систем по Втората светска војна, односно да креираат рамка за меѓународна соработка во повоеното окружување и да ја одржат монетарната стабилност. За време на собирот, американската делегација предложила да се формира валутен фонд, во кој секоја земја ќе придонесува и од каде секоја земја ќе може да позајмува за решавање на краткорочните дефицити во платниот биланс. Овој предлог бил прифатен и од него произлегло формирањето на ММФ. На конференцијата била потпишана Спогодбата за создавање на Меѓународниот монетарен фонд, како основа за повоениот меѓународен монетарен систем, додека ММФ започнал со работа во 1945 година. На конференцијата била донесена одлука за основање и на Меѓународната банка за обнова и развој, позната како Светска банка, чија основна мисија е да обезбеди финансиска и техничка помош за реконструкција и развој на економиите погодени и разурнати од Втората светска војна. Всушност, целта на бретонвудскиот систем била одржување на полна вработеност, стабилни цени и рамнотежа во глобалната размена.

За да се одржи добрата пракса на координиран одговор на глобалните предизвици, во 1947 година биле одржани првите Годишни состаноци на ММФ и Светска банка и нејзините афилијации, Меѓународната развојна асоцијација (ИДА) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), за да повторно ги обединат земјите членки во понатамошна дискусија за стратегиите за намалување на сиромаштијата, економскиот развој и инфраструктурните проекти. Оттогаш, Годишните средби редовно се одржуваат. Низ годините, опфатот и фокусот на средбите се менувал согласно промените во глобалниот екосистем, но основната цел останала иста – да се поддржи и поттикне меѓународната соработка, економската стабилност и одржливиот раст.

„Свет без сиромаштија, планета на која ќе може да се живее“

Пораките кои ги упатија првите луѓе на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд за време на Средбите, укажуваат на итност на ситуацијата и потреба од поконсолидирани глобални стратегии, кои ќе дадат побрзи и подобри резулати. Како што рече претседателот на Светската банка, Аџаи Банга – банката има нова визија и мисија – „да креира свет без сиромаштија, но на планета на која ќе може да се живее“, според нови правила кои ќе придонесат кон „суштествен развој и подобар квалитет на живот со пристап до чист воздух, чиста вода, образование и здравствена заштита“. Неопходно е тој развој да биде инклузивен, односно да ги опфаќа сите категории на граѓани, особено жените и младите, кои се неискористен потенцијал на пазарот на труд. Понатаму, многу е важно да се зајакне отпорноста на шокови, вклучително и климатските промени, пандемии и други ранливости, бидејќи кризните ситуации, како што видовме изминатите три години, веќе не се инцидентни туку стануваат ново окружување во кое економиите функционираат.

Новата стратегија на Светската банка се состои во зајакнување на финансиската поддршка и техничката помош на развојните проекти, кои ќе овозможат одржлив и зелен раст, преку окрупнување на капиталот и портфолио гаранции, кои ќе имаат мултипликативен ефект, односно кои на еден долар ќе мобилизираат 6 до 8 нови. Претседателот на Светската банка најави дека тие и другите мултилатерални развојни банки истражуваат и нови начини за подобро искористување на капиталот и специјалните права на влечење, што ќе отклучат средства за постојните и нови фондови за развојните цели на банката.

Слични пораки, насочени кон зголемување на отпорноста на економиите и поддршка на ликвидноста во време на затегнати финансиски услови, преку различни финансиски инструменти, беа испратени и од директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, која истакна дека е потребно да се преземат сериозни мерки за да „напишеме“ нова и поинаква, подобра иднина во следните 50 години. Во окружување каде перспективите за раст се послаби, од суштинско значење е спроведување на правилни политики и реформи, како што е одржувањето на стабилноста на цените и финансиската стабилност, како и фискалната одржливост. Во оваа насока од особено значење е и фискалната консолидација, за која како политика за фискална одржливост се залага и нашата Влада. Имено, спроведуваме повеќе политики во насока на стеснување на потребите за финансирање и зајакнување на фискалниот простор, меѓу кои и борбата со сивата економија, спроведувањето на даночните реформи за подобрување на наплатата на даноците, штедењето, но и други начини на мобилизација на капитал. Интересно е истражувањето на ММФ кое покажува дека само даночните реформи може да придонесат со дополнителни 5% кон растот на БДП за економиите во развој.

Пораките на првите луѓе на Светска банка и ММФ се истовремено и алармирачки, но и влеваат надеж дека се уште имаме време да преземеме активности за намалување на нееднаквостите, развој на помалку развиените, инклузија на маргинализираните, како и справување со климатските промени преку водење на зелена економија. Градењето на партнерства како одговор на негативните ефекти од фрагментацијата, се исто така значајни.

Три децении партнерство со ММФ и Светска банка

Нашата земја е членка во Светската банка и во ММФ веќе 30 години. За време на тие три децении, тие беа многу повеќе од организации во кои членуваме, тие беа партнери кои ни даваа поддршка во нашиот развој и потркрепа за време на кризните епизоди. Светската банка, со близу 100 инвестициски проекти во вредност од околу 3 милијарди евра, беше активен двигател во нашиот развоен и реформски пат. Поддршката на ММФ за нашата економија е еднакво важна (имено, само Кредитната линија за претпазливост и ликвидност изнесува половина милијарда евра, додека низ годините Фондот на повеќе наврати овозможил ликвидносна поддршка преку различни видови на аранжмани).

Светла перспектива за утре, ако добро се заврши задачата денес

Во овие три децении нашата економија системски се изгради и зајакна, номиналниот бруто-домашен производ е повисок за пет пати, обезбеден е стабилен фиксен девизен курс на денарот, развивме функционална пазарна економија, активно се дава поддршка на развојот на конкурентноста на домашното стопанство и неговото учество во меѓународните синџири на добавување. Годинава земјава направи значаен чекор напред во односите со оваа групација на меѓународни финансиски институции, односно станавме земја контрибутор (донатор) кон ИДА, Меѓународната асоцијација за развој или фонд со кој управува Светската банка. Имено, во ИДА има две категории на членки, согласно капацитетот на економијата, оние кои придонесуваат кон фондот и полошостоечки економии на кои им се доделуваат средства. Во фондот членуваат сите земји-членки на Светската банка, а самиот факт дека започнавме да придонесуваме во фондот, значи дека нашата економија не е меѓу загрозените економии со понизок степен на развој.

Сигналите кои ги даваат меѓународните финансиски институции за македонската економија преку есенските проекции, од една страна повикуваат на внимателност, а од друга страна влеваат и надеж дека очекуваат нашата економија допрва да се развива и да испорачува резултати. Би почнал со проекцијата за раст на ММФ, кој за годинава ги покачи очекувањата за раст на македонската економија (од 1,4% на 2,5% раст на БДП во 2023 година) и покрај тоа што значително ја намали проекцијата за ЕУ и Германија, како наши трговски партнери. Проспектите за раст на економијата се подобруваат на среден рок. Ова исто така го покажува и Регионалниот економски извештај за Западен Балкан кој го објави деновиве Светската банка (на среден рок предвидуваат забрзување на економскиор раст). Оттаму посочуваат дека евроинтеграциите ќе го забрзаат реформскиот процес и ќе го зајакнат капацитетот за раст на домашната економија. Исто така, перспективите за раст ги базираат и на зголемените инвестиции и подобрување на инфраструктурата.

На работите секогаш може да се гледа на три начини – песимистички, оптимистички и реално. Реалниот поглед кон домашната економија е дека изодевме значаен пат, но пред нас има уште пат за одење. Реформскиот процес кој го започнавме и кој е дел од нашето приближување кон Европската унија, како и самото членство е нужно за да за нашите граѓани обезбедиме квалитет на живеење што сите ги посакуваме – просперитетно општество кое ќе понуди иднина за нашите деца. Ние сме мала и отворена економија, со изложеност од околу 160% од БДП и треба да изнајдеме начин да ги намалиме нашите ранливости и на тој начин да се заштитиме од глобалните кризи кои во континуитет се случуваат. Опасност се и геополитичките тензии кои се заоструваат (изминатата недела сме сведоци на конфликтот Израел-Хамас кој може да донесе нови предизвици во синџирите за снабдување со нафта, додека инвазијата на Украина во Русија се уште трае), понатаму ефектите од климатските промени кои допрва ќе се чуствуваат и геоекономската фрагментација. Тоа може да го направиме само преку јакнење на отпорноста на економијата преку спроведување на структурните реформи кои ќе ја зајакнат нашата конкурентност и одржливост, но и градење на партнерства, како со земјите од регионот, така и што побрзо приближување до Европската унија. Понатаму, Планот за забрзување на економскиот раст се заснива на истата стратегија за мултиплицирање на инвестициските фондови, за каква зборуваат и меѓународните финансиски институции. Со запловување на домашната економија во помирни води и стабилизација, ќе дојдат до израз и бенефитите од овој стратешки план. Со паметна стратегија можеме да ги трансформираме предизвиците од денешницата во успеси во иднината.

Наместо епилог: Нашата економската одисеја со позитивен изглед

Поминавме тежок период со сериозни екстерни шокови врз нашата економија, мултикризен период кој почна со Ковид пандемијата во 2020 година и се надополни со енергетската криза и инфлација со удари кои сеуште не стивнуваат. Предизвиците продолжуваат и овие денови со разбранети геостртатешки интереси и војни во Европскиот континент и Блискиот Исток.

Одисејата продолжува, нашиот чамец успешно плови во разбранетото глобално море додека ги санираме штетите од бурата.

Создаваме економски раст во услови на економска стагнација кај нашите главни економски партнери и кризи кои не стивнуваат. Водиме прудентна фискална политика со намалување на буџетскиот дефицит, а притоа се обезбедуваат средства за поддршка на најраливите категории на граѓани и стопанството преку поволни кредити погодени од кризите, заштита на стандардот на граѓаните преку растот на платите и пензиите при намалување на инфлацијата (инфлацијата од 19.8% во октомври 2022 година се сведе на 6,6% во септември 2023 година и истата ќе продолжи со надолен тренд и натаму). Продолжува да се намалува невработеноста и во февруари 2023 година се сведе на 13,1% и истата пред Ковид беше 17,3%, после Ковид продолжува и трендот на намалување на сиромаштијата. Инвестициите растат, и истите достигна ниво од 35% од БДП во 2022 година (што е повисоко од нивото пред Ковид, а во 2020 година се симнаа на 29%), од кои само странските инвестиции достигнаа ниво од 5,2% од БДП што е значајно зголемување три години по ред, односно 1,4% и 3,3% во 2020 година и 2021 година. Исто така, значаен придонес во расстот на инвестициите имаат и јавните инвестиции, кои се планираат оваа година на ниво од 5% од БДП што е двојно повеќе од поранечниот просек. Движењата во нодрешната трговија во 2023 година придонесоа за намалување на трговскиот дефицит за 30% во однос на истиот период од 2022 година. Ваквите движења кои се резултат на економските политики и реформи придонесоа за подобрување и потоа одржување на кредитниот рејтинг на земјата во годините после Ковид кризата.

Ако на ова се додаваат и придобивките од преговорите и интеграцијата во ЕУ, имаме право да се надеваме на позитивни перспективи на среден рок, забрзување на растот и подобрување на квалитетот на живот. Светла перспектива на повидок, како идна членка на Европската Унија.

 

Related posts

За изненадувањата и очекуваното

admin

Ѓорѓи Марјановиќ

admin

Милеј, поуките од неговата победа

admin

Цццц… неверојатно! Преку “таквото” веќе!

admin

Писма

admin

План за раст на Западен Балкан и побрза интеграција во ЕУ

admin