Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, упати остри критики кон коалициските партнери Расим Љајиќ и Усаме Зукорлиќ, обвинувајќи ги дека не ги осудиле неодамнешните немири во Нови Пазар, каде што маскирани лица упаднаа во зградата на Државниот универзитет и насилно ги истераа студентите, предизвикувајќи протести и судири со полицијата.
Инцидентот, проследен со навреди по етничка и верска основа, ја разгори политичката атмосфера, особено откако коалициски партнери од бошњачката заедница не реагираа јавно. Вучиќ во интервју за провладиниот Информер рече дека „ова нема врска со никаква ректорка или декан, туку со обид да се руши државата“.
„Вашите соништа дека ќе ја победите државата се толку смешни и глупави што немам зборови. Постојат три работи со кои не се игра – огнот, водата и државата“, изјави Вучиќ.
Претседателот најави и дека финансирањето за Државниот универзитет во Нови Пазар ќе биде прекинато „додека не се договорат самите со себе“, обвинувајќи ја управата за дефицити и несоодветно управување.
Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, повика коалициските партнери од Нови Пазар да се изјаснат „на чија страна се“. Тој оцени дека молчењето значи поддршка за оние што ги предизвикуваат инцидентите.
Љајиќ: Нови Пазар не е Бејрут, туку град кој сака мир
Лидерот на Социјалдемократската партија (СДП) и претседател на ФК Партизан, Расим Љајиќ, повика на смирување на тензиите и најави внатрепартиски состанок, по што ќе се бара разговор со коалициските партнери.
„Нови Пазар, како мултиетнички град, нема потреба од приватни обезбедувања, уште помалку од навреди по етничка и верска основа. Ова се сериозни инциденти од кои треба да се извлечат политички поуки“, изјави Љајиќ за Euronews Србија.
Тој истакна дека полицијата постапила професионално, но предупреди дека атмосферата е „затрована и крајно наелектризирана“, што го отежнува разумниот дијалог. „Мораме да ја зачуваме ладната глава поради етничката и политичката комплексност што ја носи Пазар“, рече Љајиќ.
Маскирани лица и насилно исфрлање студенти
Инцидентот започна на 29 јули кога група маскирани мажи, придружувани од универзитетската управа, насилно упаднаа во зградата на Државниот универзитет во Нови Пазар. Под изговор за „пожар во лабораторија“, студентите беа избркани, а дел од сведоците велат дека лицата се лажно претставувале како полицајци. Подоцна се утврди дека станува збор за приватно обезбедување од Краљево, истото што порано исфрлало опозициски советници од локалната самоуправа.
Полицијата уапси 22-годишно лице поради ширење омраза, а протестите продолжија пред универзитетот, каде што студентите, со поддршка од граѓаните, повторно ја презедоа контролата врз зградата.
Опозициската Партија на демократска акција (СДА) на Санџак оцени дека инцидентот е „организиран акт на застрашување со поддршка на државните структури“. Според нив, студентите биле жртви, а не предизвикувачи на инцидентите.
„Наместо да ги заштити граѓаните, полицијата ги штитеше напаѓачите“, се наведува во соопштението на СДА. „Јасно е дека границата помеѓу институциите и партиските интереси е целосно избришана.“
Ситуацијата во Нови Пазар ги отвори и прашањата за етничките односи, влијанието на партиите врз институциите, но и стабилноста на владината коалиција во услови на внатрешни тензии и пред претстојни избори.

