Пишува: Џелал Незири
Веќе долго време граѓаните на Северна Македонија живеат во состојба на постојана кампања. Нема речиси никакво разграничување. Кампањата за локалните избори започна веднаш по парламентарните избори лани. Притоа, најголемо значење се придава на ПР-от, односно на создавање перцепција согласно партиските цели, наместо на реална работа на теренот. Тоа претставува класична стратегија на политичките елити: создавање симулирана реалност што им одговара на нивните интереси, на сметка на вистинските проблеми на граѓаните. Ова значи дека ние, реално, живееме во хаос создаден од неспособноста на општинските власти, но силната промоција на асфалтирање на локален пат ни создава симулирана слика за општина што се движи кон перфекција..
Симулацијата според Жан Бодријар е сложен концепт кој ја опишува ситуацијата каде што разликата меѓу реалноста и нејзините претстави станува неразбирлива или исчезнува целосно. Тој вели дека во современото општество не само што живееме во свет на слики и симболи, туку овие симболи стануваат пореални од самата реалност – процес што го нарекува симулакрум. Според него, ние живееме во свет доминиран од симулакра: слики, медиуми и изведби кои немаат основа во вистината, но сепак се прифаќаат како вистинити.
Така, со години кај нас се симулира лажна реалност кај партиските следбеници — симулација што потоа произведува екстремни поларизации. Токму во тие пукнатини на општеството, кои се последица на поларизациите, извира убедувачката моќ на партиите, која ги претвора гласачите во лесна мета.
Иронијата е во фактот што во оваа операција за манипулација на граѓаните, градоначалниците ги користат токму парите на тие исти граѓани. Ги злоупотребуваат државните ресурси за себепромоција, која е дел од нивната предвреме започната кампања. Одат дотаму што те тераат да веруваш дека проектите што ги промовираат се платени од нивни џебови или од партиската каса. Улици и други инфраструктурни зафати намерно се пролонгираат и се оставаат да се пуштат непосредно пред изборите. Во меѓувреме, граѓаните се движат низ сообраќаен хаос, а бизнисите трпат огромни штети.
Не само улиците, туку и други општински проблеми намерно се акумулираат за да се започне со манипулативно решение во пресрет на изборите. Оваа тактика претставува типичен пример на клиентелистичка политика, каде решенијата се условени со политичка лојалност и изборни калкулации. Сè е ПР, сè е предизборна кампања, сè е во функција на симулација на поинаква реалност од таа што реално ја живееме.
И на овие избори ќе гледаме многу политичари со ножици, сечења ленти и свечени говори. Прашањето не е само кога почнува и кога завршува кампањата, туку дали граѓаните имаат капацитет да ја препознаат вистинскста реалност зад завесата симулираната реалност. Ако не, тогаш предвремената кампања ќе остане трајна состојба, а реалната политика, само статист во таа симулација.

