20.3 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Бриселската декларација ја држи Северна Македонија на европскиот колосек, но старите услови остануваат

Декларацијата усвоена на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Брисел повторно ѝ дава политичка потврда на Северна Македонија дека нејзината европска иднина е во Унијата, но истовремено јасно покажува дека клучните пречки за напредокот остануваат непроменети.

За Скопје, пораката е двојна. Од една страна, ЕУ повторно нагласува дека „иднината на Западниот Балкан е во Унијата“ и дека проширувањето е „реалистична можност“, што доаѓа во момент кога довербата на јавноста во процесот е сериозно разнишана. Од друга страна, декларацијата без двоумење ги повторува условите кои со години ја дефинираат македонската пристапна траекторија.

Преспа и Бугарија – нерешена тема

Северна Македонија е директно посочена преку спомнувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија, што ја издвојува од останатите партнери во регионот. Со тоа, ЕУ јасно става до знаење дека овие договори не се затворени прашања, туку континуирани обврски чија имплементација ќе остане под лупа.

Инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и за спроведување на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Сè уште се потребни одлучни натамошни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за наоѓање и спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања на партнерите, вкоренети во наследството од минатото, а во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, вклучително и Договорот за прашањата на сукцесија, како и преостанатите случаи на исчезнати лица и прашањата за воени злосторства”, се вели во Декларацијата.

Недостигот на било каква формулација што би ограничила идни билатерални блокади ја засилува перцепцијата во Скопје дека и покрај направените компромиси – вклучително и промената на уставното име и прифаќањето на преговарачката рамка – процесот и понатаму е изложен на политички условувања од земји членки.

Реформи без кратенки

Декларацијата го поздравува „новиот замав“ во регионот, но јасно става до знаење дека забрзувањето на пристапувањето зависи од „кредибилни реформи“, особено во областите на владеење на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и заштитата на малцинствата.

За Северна Македонија, ова значи дека техничкото усогласување со европското законодавство нема да биде доволно без видливи резултати во функционирањето на институциите и правосудството – области кои и натаму се меѓу најкритичните во извештаите на Европската комисија.

Геополитичка усогласеност како предност

Една од ретките јасни предности за Скопје е целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и санкциите кон Русија. Во декларацијата, Брисел експлицитно ги пофалува партнерите кои се целосно усогласени, што индиректно ја позиционира Северна Македонија меѓу „добрите ученици“ во регионот.

Сепак, документот покажува дека геополитичката лојалност, иако важна, не гарантира автоматски напредок во преговорите.

Постепена интеграција и економски стимуланси

Фокусот на постепената интеграција носи конкретни придобивки за Северна Македонија, особено преку пристапот до СЕПА, намалените трошоци за роаминг, дигиталните иницијативи и приближувањето кон единствениот пазар на ЕУ.

Клучен е и Планот за раст за Западниот Балкан, кој нуди до 6 милијарди евра за реформи и инвестиции. Но и тука пораката е јасна: средствата се условени со навремена и мерлива имплементација на реформите поврзани со ЕУ.

Потврдена перспектива, без пробив

Во целина, Бриселската декларација ја задржува Северна Македонија цврсто во наративот за проширување, во време на зголемени геополитички тензии. Таа го признава стратешкото усогласување на земјата и направените компромиси, но не нуди нови политички гаранции или механизми што би спречиле идни блокади.

Пораката за Скопје останува позната: вратата кон ЕУ е отворена, постепената интеграција носи опипливи придобивки, но конечниот напредок и понатаму ќе зависи од комбинација на внатрешни реформи и политичка волја во самата Унија.

Related posts

Африм Гаши хоспитализиран поради проблеми со дигестивниот систем, се третира медикаментозно

admin

Борбата против корупцијата – што се случува?

admin

Агелер: Со нетрпение чекаме да видиме кој ќе победи на изборите во САД

admin

Мицкоски: Дали Бугарија ќе испорача услови и за Албанија?

admin

Атина предупредува по изјавата на Мицкоски: Реториката за името повторно ги затегнува односите со Скопје

admin

Влада без Курти? Ховениер: ПДК, ЛДК и ААК со малцинските партии може да формираат коалиција

admin