Победата на поранешниот бугарски претседател Румен Радев и коалицијата „Прогресивна Бугарија“ на парламентарните избори беше очекувана, изјави бугарскиот аналитичар Николај Крастев во разговор за српскиот весник Данас.
Тој вели дека земјата „сега мора да реши многу прашања“ и пред сè „да го прекине трендот на краткотрајни влади и да формира стабилна власт“.
„Беше очекувано дека Румен Радев ќе победи. Тоа го покажаа сите анкети“, вели Крастев, посочувајќи дека коалицијата освоила околу 45 отсто од гласовите, односно 132 пратенички места.
Тој додава дека „имало обиди за странско влијание преку лажни профили на TikTok и Instagram, по модел сличен на други изборни процеси во регионот.
Според Крастев, поддршката за Радев произлегува од „големо незадоволство од зголемените цени и корупцијата во изминатите 10 години“, која, како што вели, се поврзува со владите на ГЕРБ, Бојко Борисов и Делјан Пеевски.
„Граѓаните гласаа против корупцискиот модел“, нагласува тој.
Крастев наведува дека демонстрантите кои во декември минатата година ја собориле владата на премиерот Росен Жељазков, „најмногу гласале за Радев“, кој им ветил борба против корупцијата.
„Многу гласачи кои не беа определени пред изборите, на крајот му дадоа поддршка“, додава тој.
Победата на Радев, според анализата, е дел од поширок тренд.
„Бугарите на секои 10 до 15 години им даваат доверба на нови ‘спасители’“, вели Крастев, потсетувајќи на победата на Симеон Сакскобурготски во 2001 година, потоа на Бојко Борисов во 2009 година и на Слави Трифонов во 2021 година.
Политичката сцена, како што додава, е „сериозно преуредена“.
„За првпат Бугарската социјалистичка партија остана под цензусот“, вели Крастев, додавајќи дека партијата на Борисов „падна на третото место“, зад прозападниот блок „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“.
Ова, според него, е сигнал дека „реформите во правосудството мора да се носат брзо“.
Тој додава дека ќе се види „дали Радев ќе го задржи победничкиот бран“ на претседателските избори подоцна годинава и на локалните избори во 2027 година.
Во однос на надворешната политика, Крастев вели дека „останува големо прашање“ дали Радев ќе се приклучи кон евроскептичниот блок или ќе води поинаква политика.
„Голем дел од проруски ориентираните гласачи застанаа зад Радев“, вели тој.
Во првата изјава по изборите, Радев изјавил дека е „за прагматични односи со Русија“, но и дека неговата коалиција „го поддржува европскиот пат на Бугарија“.
„Европа има потреба од критичко размислување и прагматични акции“, изјавил Радев, додавајќи дека континентот не смее „да стане жртва на морално водство во нов свет без правила“.
Тој повикал на „нова безбедносна архитектура“ и „враќање на Европа како индустриска сила“.
„Без пристап до евтини енергетски ресурси нема да има конкурентност“, нагласил Радев, додавајќи дека Европа треба да тежнее кон „стратешка автономија“ и да го запре процесот на деиндустријализација.

