7.8 C
Скопје
15 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Политичко влијание во изборот за нов Омбудсман? Меѓу кандидатите и шефот на кабинетот на претседателот на Собранието

Шеф на кабинет, поранешен државен правобранител, екс-обвинител и вработени во институцијата Народен правобранител се дел од 17-те кандидати кои аплицираа за новиот омбудсман, откако досегашниот, Насер Зибери, замина во пензија на почетокот на јули.

Кандидатурата на Дритон Небиу, актуелен шеф на кабинетот на собранискиот претседател Африм Гаши, предизвика загриженост кај дел од правната фела, поради можниот судир на интереси и политичко влијание врз институцијата што треба да биде независен заштитник на граѓанските права. Небиу е правник и магистер по човекови права, додека активно бил ангажиран во рамки на коалицијата ВЛЕН.

Во трката за функцијата влегол и Фехми Стафа, поранешен државен правобранител кој во 2022 поднесе оставка среде медиумскиот судир помеѓу тогашниот директор на Финансиската полиција Арафат Муареми и обвинителката Вилма Русковска. Конфликтот се однесуваше на блокираниот процес за конфискација на имотот на „Трансмет“ – фирмата на Сеад Кочан, осуден во случајот „Труст“ на СЈО.

Кандидати се и Шпенд Фидани, актуелен државен правобранител во Скопје, и Илбер Руфати, заменик народен правобранител од Кичево. Меѓу апликантите е и поранешниот обвинител Миле Арсениевски, кој бил дел од Основното обвинителство Скопје до 2022 година.

На листата се и: Николче Петковски, раководител во МВР, како и адвокати и правници од повеќе градови: Мухамед Ходаи, Фатон Сељами, Аљбан Кардиу, Светислав Јовановски, Шемши Салаи, Доан Сулејмановски, Феузи Џафери, Фатмир Емрулау, Илир Рамадани, Емран Исмаил и Фадил Џелили.

Според Законот, кандидатот мора да биде државјанин на Северна Македонија, дипломиран правник со најмалку девет години работно искуство во правна област, и да има докажана активност во заштитата на граѓански права.

Мандатот на Зибери почна во јануари 2021 и заврши по 4 и пол години, иако Законот предвидува осумгодишно траење. Неговиот избор во 2020 година беше критикуван поради неговата претходна номинација како кандидат за премиер од страна на ДУИ, што предизвика сомнежи за неговата политичка независност.

Покрај вакуумот на челната позиција, институцијата Народен правобранител функционира и без пет заменици – нивните мандати истекоа, а Собранието со години не избра нови.

Во последниот извештај, европратеникот Томас Вајц забележува дека институцијата сè уште е институционално слаба и неуспешно се зајакнува нејзината улога како чувар на човековите права.

Related posts

За една деценија Македонија изгубила речиси 6.000 студенти – одливот е поизразен кај машките студенти

admin

Мигранти за пари или политичка лага? Темата што ја тресе Македонија и ја продлабочува битката меѓу власта и опозицијата

admin

РСЕ: „Феникс“ – истрага која го врати од заборав „Скопје 2014“

admin

ВО ПОТРАГА ПО ФЕНИКСОТ

admin

Расте притисокот Рамиз Мерко да се повлече од функцијата

admin

Страницата 47 открива дека ДУИ лажно се шокира

admin