12.8 C
Скопје
7 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Расте притисокот Рамиз Мерко да се повлече од функцијата

Градоначалникот од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко и општина Струга, со која што управува, се под лупа на Обвинителството и Судскиот совет, откако американскиот Стејт департмент го стави на црната листа поради сериозни наводи за корупција. Откако Судскиот совет во средата (21.06) информираше дека ќе изврши проверка на наводите дека е вршено влијание врз одредени судски постапки, денеска се огласи и Јавното обвинителство на Северна Македонија (ЈОРСМ). Оттаму велат дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко врз постапките.

„Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност“, велат од Обвинителството.

За Мерко во моментов се активни шест постапки во обвинителствата, а изминативе години против лицето се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции.

„Јас да сум на листата на САД ќе си дадам оставка“ 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска (22.06) повторно ги повика судските органи да ги истражат наводите на Стејт департментот, а општина Струга да соработува со органите.

„Јас да се најдам на црната листа на САД, како човек којшто дел од своето образование го завршил во САД, не што ќе си дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера“, рече Ковачевски.

За него е несфатливо како САД кои се на оддалеченост од 8.000 километри, имаат информации што се случувало во земјата, а македонските истражни и правосудни органи да не располагаат со такви информации.

По молкот на Мерко и на неговата матична партија ДУИ, Ковачевски повторно ги повика советниците во Струга дека треба да размислат како ќе постапат во иднина. „Избран функционер сам треба добро да размисли, заедно со сите советници, бидејќи Мерко во својата кариера бил дел од ВМРО-ДПМНЕ. Сите советнички групи треба да се погледнат што ќе прават во иднина со градоначалникот, бидејќи се избрани да ги унапредуваат правата на граѓаните“, вели Ковачевски.

Димитар Ковачевски
„Јас да се најдам на црна листа – ќе си дадам оставка и ќе го сметам за најголем пораз“, вели Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

И Антикорупционерите со свои сознанија

И Државната комисија за спречување на корупција најавува дека ќе ги презентира своите наводи за работењето на Рамиз Мерко, за кој велат дека уште во 2019 година утврдиле низа злоупотреби:

„Наводите што ги најдовме беа поткрепени со извештаи од Државниот завод за ревизија, меѓутоа ништо не беше преземено“, вели Владимир Георгиев, член на Антикорупциската комисија.

За него не е изненадување што Мерко се најде на црната листа на САД. „Изненадување е тоа што повторно нашите институции сега се разбрануваа откако некој однадвор ќе укаже за одредени состојби што ние веќе сме ги констатирале“, вели тој.

Шест постапки

По прозивките зошто сомнежите околу постапките на Мерко и наводите за корупција се видливи само за американскиот Стејт департмент, но не и за домашните судови, од јавното обвинителство информираа дека против струшкиот градоначалник во моментов се активни шест постапки.

Неколку се водат во струшкото обвинителство. Едната е по кривична пријава поднесена од ​повеќе здруженија на граѓани, за злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година.

Друга постапка се води против Мерко и уште две лица по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува.  Во тек е и предистражна постапка, по пријава поднесена на 19.05.2023 година.

По пријава на Управата за финансиска полиција отворен е уште еден предмет, против Мерко и уште три други лица. „Обвинителот што постапува во предметот издал наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител сѐ уште го чека постапувањето по наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година“, велат од ЈОРСМ.

Отворена е и постапка по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги. Предметот е во предистрага. Активен е и предметот кој е отворен по анонимна кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и измама против Мерко и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Случајот се наоѓа во фаза на предистражна постапка.

Стејт департментот деновиве соопшти дека Мерко, додека ја извршувал функцијата градоначалник на Струга, „присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија“.

Координаторот за антикорупција на Стејт департментот, Ричард Нефју, вели дека ставањето на листата на санкции, има цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет. Мерко е градоначалник на Струга, од редовите на ДУИ. Санкциите на САД се насочени и кон неговата сопруга и неговите три деца.

 

Извор: ДВ

Related posts

РЕВИЗОРИТЕ УТВРДИЈА НИЗА СЛАБОСТИ ВО РАБОТЕЊЕТО НА ФЗО

ninja

Македонија го трасира патот на извозник и лидер во регионот по производство на зелена струја

admin

Националистичка иконографија во трка по гласови

admin

Влезот на Бугарите во Уставот отвора нови партиски апетити

ninja

Експлозија во близина на полициска станица во северно Косово

admin

Крвава граѓанска војна во Судан, две генерали се борат за власт

admin