Иако официјалната кампања за локалните избори треба да започне дури во септември, политичката трка во Северна Македонија веќе е во полн ек. Министри и градоначалници од владејачката коалиција Вреди, како и нивните противници од опозициската ДУИ, ги заменија летните одмори со теренски настапи и промоции на проекти, често финансирани од јавниот буџет, анализира Радио Слободна Европа.
Според политичките аналитичари, престојните локални избори, закажани за 19 октомври, ќе бидат првиот сериозен тест за опстанок на коалицијата Вреди, составена од ВМРО-ДПМНЕ и албанскиот блок. Теренските активности и медиумскиот настап на функционерите, според експертите, укажуваат на кампања што фактички е започната многу пред законскиот рок.
Во скопската општина Чаир, битката добива тежина откако ДУИ го најави поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи како кандидат. Потенцијален противкандидат е актуелниот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. Слични сценарија се разгледуваат и во Сарај и Кичево, каде во игра се актуелни министри од Вреди како можни кандидати.
Премиерот Христијан Мицкоски веќе промовира проекти во Тетово заедно со актуелниот градоначалник Билал Касами, кој, според очекувањата, ќе бара нов мандат. Опозициската ДУИ таму ќе настапи со свој потпретседател Бајрам Реџепи.
Иако официјално не е започната изборната кампања, снимки со ножици и ленти, со пароли за „темелите на промените“ и „Македонија што доаѓа“, секојдневно се објавуваат од страна на владините функционери. Политичките настани сѐ почесто се подведуваат под „работна агенда“, со настани поддржани од унгарски кредити и средства од централниот буџет.
„Се работи за целосна злоупотреба на државните ресурси“, вели аналитичарот Џељал Незири за РСЕ. „Инфраструктурни проекти намерно се пролонгираат за да се пуштат непосредно пред изборите. Сето ова е предизборен ПР маскиран како институционална работа.“
Во меѓувреме, актуелните градоначалници засилено привршуваат стари проекти и лансираат нови ветувања. Градоначалникот на Центар нуди парична помош за пензионери и платени летни пракси, додека неговиот колега од Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, со благослов од Архиепископот најави кандидатура за татко на Скопје. Слоганот му е „Најдоброто за Скопје допрва доаѓа“, а противкандидатка му е поранешната министерка Каја Шукова од СДСМ.
Во отсуство на јасни законски граници меѓу политички маркетинг и изборна кампања, експертите предупредуваат дека јавниот интерес лесно се губи зад партиската стратегија.
„Она што го гледаме не е институционално информирање, туку прикриена политичка пропаганда“, вели аналитичарот Петар Арсовски. Според него, изборниот законик е недоречен и дозволува „сива зона“ во која политичарите се натпреваруваат за гласови без формално да го прекршат законот.
Со првите имиња за градоначалнички позиции веќе објавени од Вреди, СДСМ и ДУИ, а и неколку независни кандидати вклучени во трката, Северна Македонија де факто веќе влезе во изборен режим – два месеци пред официјалниот старт. Иако кампањата технички уште не е почната, партиите, според набљудувачите, веќе одамна трчаат на изборна патека, обидувајќи се да ги претворат државните проекти во сопствени предизборни адути.

