Од 12 до 18 август во Галичник ќе се одржи 36. сесија на Ликовната колонија, еден од најреномираните и најдолговечни уметнички собири во регионот, соопштија организаторите.
Ова издание, со тема „Постмеморија – Одек на тишината“, е инспирирано од истражувањата на Мариен Хирш, Алејда Асман, Ролан Барт и В.Г. Зебалд за тоа како трауматичните историски искуства, иако не се директно доживеани, се врежуваат во свеста и идентитетот на следните генерации.
Уметниците ќе истражуваат неизговорена меморија, тишината како сведоштво и наследената болка како уметнички материјал, користејќи нови медиуми, архиви, звучни записи, гестови и визуелни фрагменти.
На настанот ќе учествуваат уметници од Србија, Бугарија, Грција, Австрија, Косово, Холандија и Северна Македонија, меѓу кои Никола Радосављевиќ, Красимир Терзиев, Мариа Анвандер, Ренеа Беголи и Ана В’цкова.
Делата создадени во рамките на колонијата, заедно со продукцијата од минатогодишната сесија, ќе бидат претставени во ноември во Националната галерија – објект Мала станица во Скопје, придружени со каталог што ќе ги документира уметничките процеси и концепти.
Организаторите им се заблагодарија на Министерството за култура и туризам на Северна Македонија, Австриската амбасада во Скопје, Бугарскиот културен центар, Casinos Austria, Пивара Скопје, Месната заедница Галичник и бројни други поддржувачи.
Според нив, континуираната поддршка овозможува вкрстување на уметноста, културната меморија и современата мисла „во срцето на планината, во тишината што зборува“.

