И покрај надежите за нов почеток по парламентарните избори, политичката сцена во Северна Македонија останува заглавена во старата реторика, етничките тензии и повторување на истите теми и дилеми. Наместо да се прават чекори напред, државата се врти во круг – со стари пораки во ново пакување и нови играчи во веќе познати улоги.
Пишува: Сељадин ЏЕЗАИРИ
Ништо ново, ама ептен ништо – во Северна Македонија! Се сеќавате ли како лани, за време на предизборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, бранејќи ја „визијата“ за враќање на Македонија на Македонците, ги нарекуваа своите македонски главни ривали (СДСМ) измеќари на албанската ДУИ?
Во пресрет на локалните избори, речиси истата реторика се повторува, само што улогите се заменети: Мицкоски е „газдата“, а со етикетата „измеќари“ сега се нарекуваат неговите коалициски партнери од редовите на ВЛЕН.
Ако премиерот Мицкоски успеа да го обезбеди социјалниот мир во државата преку странски кредити (од Унгарија и Обединетото Кралство), кои и понатаму остануваат нецелосно разјаснети – ниту за нивната намена, ниту за условите под кои се земени – тогаш тој паралелно внесе немир на внатрешен план, особено во меѓуетничките односи.
Иако ВМРО-ДПМНЕ, како победник на изборите, имаше легитимно право да избере коалициски партнери од албанскиот блок, сè што направи во изминатите 15 месеци во насока на „враќање на Македонија на Македонците“ беше маргинализирање на албанските министри: отворање на дебатата за службената употреба и на албанскиот јазик, ставање во мирување на „балансерот“ (механизам што обезбедува правична етничка застапеност во јавната администрација), блокирање на евроинтегративниот процес и игнорирање на ширењето на т.н. „српски свет“ во земјата, давајќи за право на ДУИ, односно Европскиот фронт, дека се токму во улога на измеќари, односно полномошници на Мицкоски кои работат за вмровската девиза „Македонија повторно твоја”…
Како новинар, ги следев речиси сите значајни настани од осамостојувањето на Македонија, преку војната од 2001 година, па сè до денес. Ги паметам паролите: „рани куче да те лае“, „албански во Албанија“, „гасни комори за Шиптарите“, „Илирида“, „Етничка Албанија“ и многу други.
Историски гледано, Македонија е навистина „македонска салата“ – земја во која отсекогаш живееле различни народи и вери. Оттаму, отворањето на теми и дилеми што се сметаа за затворени (преку Охридскиот и Преспанскиот договор) претставува чекор наназад.
Тетовските Македонци често го користат зборот „онади“, што означува различни дејства. Напросто, се онадивme од веќе слушната и позната реторика!
Наместо да гледаме напред, повторно се враќаме назад – и тоа е опасно не само за граѓаните, туку и за самите креатори на „новите“ политики за „старите“ прашања, за кои сите мислевме дека се веќе зад нас. Оти, ако постои една лекција што треба да ја извлечеме од политичката историја на оваа земја, тоа е дека етничката реторика не може да ја замени визијата, а играњето со чувствата на граѓаните не гради држава. На Македонија не ѝ требаат нови „газди“ со стари цели, туку лидери што гледаат подалеку од поделбите – кон заедничка, праведна и еднаква иднина за сите!

