Претседателот на Кина, Си Џинпинг, ја засилува антикорупциската офанзива во воените редови по низа скандали што ја потресоа командната структура на Народноослободителната армија (НОА), во момент кога Пекинг се подготвува за потенцијални кризни сценарија, вклучително и конфликт околу Тајван.
Три од седумте места во Централната воена комисија – телото на Комунистичката партија што ја контролира војската – се празни, откако високи офицери беа уапсени или исчезнаа од јавноста. Меѓу нив е генерал Хе Вејдонг, вториот највисок офицер во Комисијата, чие отсуство од јавни настани сигнализира можна истрага. Адмирал Мијaо Хуа, задолжен за политичката работа во армијата, е под истрага од минатата година за „сериозни прекршувања на дисциплината“.
И двајцата беа брзо унапредени под покровителство на Си, а нивното отстранување укажува на значајна нестабилност во врвот на воената хиерархија. Од 2023 година, истраги се водат против најмалку дваесетина високи офицери и раководители во одбранбената индустрија, според Фондацијата „Џејмстаун“.
Си, кој постави цел до 2027 година НОА да биде целосно модернизирана и подготвена за борба – а според американски официјални лица, и способна за инвазија на Тајван – се соочува со предизвик да замени пензионирани или сменети команданти со кадри чие лојалност е безусловна.
Минатиот месец Комисијата усвои нови правила за „целосно елиминирање на токсичните влијанија“ и враќање на авторитетот на политичките офицери. Во официјалниот весник „Народна армија“ беа објавени серии коментари кои повикуваат на „апсолутна лојалност“ кон партијата и нејзиниот лидер.
Аналитичарите велат дека чистките може привремено да ја нарушат координацијата и да го намалат апетитот на Пекинг за ризични операции, како евентуален десант на Тајван. „Високата комплексност на операциите против Тајван би можела да биде погодена од овие проблеми,“ изјави М. Тејлор Фравел од МИТ.
Сепак, Си продолжува да демонстрира сила. Две кинески носачи на авиони неодамна изведоа маневри во западниот Пацифик, а следниот месец тој ќе претседава со воена парада во Пекинг по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, што Кина ја слави како победа над Јапонија.

