20.7 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Балканска трка за вооружување: Србија и Хрватска во ескалација, другите држави следат

Додека Хрватска го одбележа 30-годишнината од операцијата „Олуја“ со воена парада на 31 јули, Србија се подготвува за своја демонстрација на сила закажана за 20 септември, потег што се смета како дел од постојаната трка за вооружување меѓу двете балкански соседи.

Пишува: Џелал Незири

Воена парада како одговор на воена парада. Ова е најновата епизода во серијата демонстрација на моќ меѓу Белград и Загреб, кои го одразуваат нивното продлабочено ривалство.

Ова ривалство веќе долго време е присутна во купувањето оружје за зголемување на воената моќ, со цел да се дојде до позицијата на регионален хегемон. Во последната деценија, Србија значително ги зголеми трошоците за набавка на ново и софистицирано оружје, станувајќи една од 40-те најголеми увозници на оружје во светот. Според Институтот СИПРИ, Србија се наоѓа на 37-то место во светот според купување оружје во периодот 2018–2022, со зголемување на овие трошоци за дури 743% во споредба со периодот 2013–2018. Најголеми добавувачи на оружје за Србија се Кина со 43%, Русија со 30% и Белорусија со 20%.

Според истиот институт, Србија е рекордер во вооружувањето во Западен Балкан, оставајќи ја зад себе и Хрватска, членка на НАТО. Според индикаторите за текот на системи и подсистеми на оружје што ги користи СИПРИ, Србија бележи експоненцијален раст во набавката на оружје од 2016 година, со врв во 2022 година.

На балканско ниво, само Хрватска води трка за вооружување со Србија. Во 2021 година, Хрватска одлучи да купи дванаесет користени борбени авиони „Рафал“ од Франција за речиси 1 милијарда евра, со цел да ја замени својата застарена флота од времето на Советскиот Сојуз и да ги зајакне своите воздушни борбени капацитети.

Проблемот со трката за вооружување во Балканот започна во 2015 година, кога Хрватска побара од САД да ѝ донираат 16 ракетни системи со повеќекратно лансирање M270 произведени од Lockheed Martin, опремени со балистички ракети. Тогашниот премиер, а сегашен претседател на Србија, Александар Вучиќ, одговори дека неговата земја „мора да најде одговор“. Одговорот го побара во Русија, по што Москва во јануари 2016 вети донација на модел од рускиот систем за противвоздушна одбрана С-300. Ниту Хрватска, ниту Србија не ја добија бараната помош. Сепак, во април 2022, Србија тајно купи кинески систем за воздушна одбрана – зголемување на капацитетите на српската армија само еден месец по почетокот на руската агресија врз Украина. Србија исто така купи 30 европски и руски борбени хеликоптери, кинески дронови, израелски противтенковски ракети и француски системи за воздушна одбрана.

Во меѓувреме, Хрватска купи 12 германски авиони, 16 американски хеликоптери, американски ракети и модернизираше 76 копнени борбени возила. Во однос на тешки борбени механизми, Србија и Хрватска сѐ уште се во рамките на договореното со Дејтонскиот договор од 1995 година.

Како членка на НАТО, Албанија многу малку инвестирала во одбраната и затоа досега не била вклучена во регионалната трка за вооружување. Но, изгледа дека оваа фаза завршува. Речиси 1 милијарда евра од албанскиот буџет се предвидени за купување на ново оружје и модернизација на постоечкото во периодот 2022–2028. Оваа сума ќе се искористи за купување муниција, вооружување, системи за воздушна борба, дронови од Турција и систем за транспондери вреден над 30 милиони евра кој ќе се инсталира во хеликоптери Black Hawk. Како резултат, 27% од годишниот буџет се инвестира во одбраната, наспроти 9,8% во 2019 година.

И Косово изгледа дека влегува во трката за вооружување од 2022 година. Во последните две години, најмладата држава во Европа го зголеми бројот на војници за 80% и трошоците за одбрана за 100%. Во 2023 година, Косово купи дронови од Турција и потоа побара од САД купување на 246 противтенковски ракети Javelin и други видови оружје, кои не беа обелоденети од страна на владата во Приштина.

Северна Македонија, која стана членка на НАТО во 2020 година, има десетгодишен план за модернизација на одбраната вреден 1 милијарда евра. Целта е да се заменат старите советски и југословенски оружја со нови, произведени на Запад. До 2032 година се планира набавка на 8 западни повеќенаменски воени хеликоптери, како замена за 12-те Ми-24 хеликоптери донирани на Украина. Ова ќе биде најголема набавка на воена опрема по 2001 година, кога Северна Македонија беше во вооружен конфликт. Наместо тенкови, земјата веќе има потпишано договори за набавка на JLIV лесни оклопни возила на тркала и Stryker транспортери од САД. Дополнително, во моментов се набавуваат лесни оклопни возила од Турција, Javelin противтенковски системи, возила Boran од Турција, Mistral 3 противвоздушни системи од Франција и други видови опрема.

Опремувањето на Албанија, Северна Македонија и Црна Гора со ново оружје се гледа како исполнување на обврските на НАТО за инвестирање најмалку 2% од бруто-домашниот производ (БДП) во одбраната. Од друга страна, вооружувањето на Србија, особено по почетокот на руската инвазија врз Украина на почетокот од 2022 година, од страна на Западот се гледа како потенцијална опасност што може да предизвика нова војна на Балканот, со цел одвлекување внимание од Украина.

Србија е единствената европска држава што не воведе санкции кон Русија и продолжува да потпишува договори за соработка со Москва. Иако Белград го започна процесот на преговори за членство во Европската Унија (ЕУ) уште во 2014 година, не ја усогласи надворешната политика со онаа на ЕУ кон Русија и одбива да ги воведе санкциите на Унијата.

Освен Хрватска, Вучиќ ја наведува и заканата од Косово како оправдување за сѐ поголемата набавка на оружје за српската армија. „Ако некој се обиде да изврши агресија врз Србија, како што се случи во 1999 година, технички тоа нема да може да се повтори на ист начин“, изјави тој, алудирајќи на интервенцијата на НАТО во 1999 година, кога Србија беше нападната за да се спречи хуманитарната катастрофа предизвикана од режимот на Слободан Милошевиќ во Косово.

За да се спречи натамошна ескалација на ситуацијата, САД и ЕУ повикуваат сите набавки на оружје да бидат транспарентни, а европската интеграција, односно унапредувањето на регионалната соработка, да стане приоритет за сите држави од регионот.

 

 

Related posts

ПИШМАН АЏИЈА

admin

Русија победи а Америка, НАТО и ЕУ изгубија

admin

Недостигот од идеолошко профилирање промовира клиентелистички односи партија-гласач

admin

Што ако падне Орбан?

admin

Кои се историчарите што ќе го штитат нашиот национален интерес?

admin

ТЕМПИРАНА БОМБА

admin