28.2 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКАСПОРТ

Ристовски: Предложивме да се откаже Олимпијадата или да се сведе на 1.000 учесници, но бевме одбиени

Министерот за спорт, Борко Ристовски, откри дека Северна Македонија предложила или откажување или драстично намалување на бројот на учесници на Европскиот младински олимписки фестивал, откако станало јасно дека државата нема капацитет за организација на масовен спортски настан. Предлогот бил одбиен како предоцна доставен.

Во интервју за Радио Слободна Европа, Ристовски рече дека во март или април лично го информирал претседателот на Европскиот олимписки комитет за недостатокот на спортска инфраструктура, која претходно била преземена како обврска од страна на Македонскиот олимписки комитет и Град Скопје. Министерството, како што појасни, немало формална улога во организацијата, туку делувало како логистичка поддршка.

„Предложивме Олимпијадата или да се откаже или да се намали на 1.000 учесници – бројка за која можеме да дадеме гаранции. Бевме одбиени бидејќи било премногу доцна,“ рече Ристовски, додавајќи дека иако имало организациски пропусти, ситуацијата не била катастрофална, како што ја прикажуваат критичарите.

Европскиот младински олимписки фестивал, што се одржа во Скопје, привлече над 4.000 млади спортисти, но ја отвори јавната дебата за ограничените спортски ресурси на земјата и потенцијалната пренапрегнатост на институциите.

Ристовски потврди дека Министерството за спорт издвоило еден милион евра за логистичка поддршка, вклучително и за набавка на кревети, перници, превоз и обезбедување на спортски сали. Тој додаде дека биле преземени и итни мерки за убрзување на визните процедури за странски учесници.

Во однос на недостатокот на медали – земјата учествуваше со 181 натпреварувач, но не освои ниеден – министерот изјави дека резултатите не доаѓаат преку ноќ.

„За резултати на Олимпијада се потребни барем два олимписки циклуса, односно 8 години,“ рече тој. „Ние стипендираме над 500 млади талентирани спортисти, но размислуваме за намалување на бројот за да се зголемат средствата поединечно.“

Во контекст на политичките несогласувања со претседателот на МОК, Даниел Димевски, Ристовски рече дека, и покрај личните конфликти, соработката на институционално ниво се одвивала во интерес на државата. Тој истакна дека немал друг избор освен да присуствува на прес-конференцијата и отворањето на фестивалот, како дел од државните протоколарни обврски.

Министерот ги отфрли обвинувањата од СДСМ дека маркетинг-агенцијата ангажирана за фестивалот е блиска до него. „СДСМ нема ни елементарно познавање за тоа како функционира спортот и како Министерството соработува со Олимпискиот комитет. Ова е политичка игра,“ рече Ристовски.

На прашањето за извештајот на Државниот завод за ревизија, кој откри хаос во управувањето со спортската инфраструктура, Ристовски рече дека Министерството нема надлежност врз Јавното претпријатие што стопанисува со спортските објекти, но предложи одредени национално значајни комплекси да се земат под контрола на Министерството.

Тој рече дека во изминатата година биле изградени над 30 мултифункционални игралишта, и дека тоа е дел од стратегијата за создавање поздрави генерации и воведување вредности кај младите.

Ристовски најави и транспарентност во субвенционирањето на спортистите, преку директна исплата на финансии и со строг надзор на трошоците. „Ќе префрламе средства директно кај спортистите, а не преку федерациите,“ рече тој.

Во однос на конфликтот со градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, за салата „Партизан“, Ристовски рече дека Министерството нема намера да стопанисува со објекти или да отвора кафулиња, туку да ги направи спортските простори достапни и бесплатни за младите спортисти.

„Имаме визија да воспоставиме нов систем во спортот – транспарентен, одговорен и насочен кон младиот спортски потенцијал. Тоа е нашата цел,“ заклучи Ристовски.

 

 

 

 

Related posts

ЕУ организира 6 нови хуманитарни летови со воздушен мост за Газа

admin

Русија најави нов прекин на огнот за нови евакуации на цивили од североисточна Украина

ninja

Аналитичари со поделени ставови по средбата Мицкоски – Филипче

admin

Дали Трамп има план за соборување на Зеленски?

admin

ВИДЕО Вулгарни пцовки во расправија меѓу пратеници на Левица и ВМРО-ДПМНЕ

admin

Црн чад над Скопје: Меџити најави вештачење за вистинската мера на загадување по пожарот во Трубарево

admin