Јавното обвинителство да не молчи и веднаш да отвори истрага за наводното следење и прислушкување, со одговорност за извршителите и наредбодавачите, порача во петокот Бране Петрушевски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„ЈО на Љупчо Коцевски молчи со денови откако се обзнани скандалозно следење на службите на претседателот Мицкоски, новинари и бизнисмени. Дали молчи затоа што знаел се? СДСМ ги вплетка службите и ЈО во своја шема за опстанок на власт. Пет години следеле се што мислеле дека го загрозува нивниот опстанок. Одговорност мора да има“, изјави Петрушевски на прес-конференција.
Екс-министерката за одбрана Славјанка Петровска побара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и свикување на собраниската Комисија за надзор. Таа тврди дека АНБ лажно се повикува на судска наредба како предуслов за декласификација.
Премиерот Христијан Мицкоски возврати дека само обвинителството може да одлучи дали документите ќе бидат декласифицирани.
Разврската заглави, откако претседателот на собраниската комисија за надзор, Скендер Реџепи, одби да свика седница поради тоа што нема безбедносен сертификат.
АНБ неодамна соопшти дека дел од нејзини вработени следеле политичари, новинари и бизнисмени, меѓу кои и Мицкоски. И премиерот и актуелниот директор Христовски на годишнината на агенцијата ги потврдија тие информации, но нагласија дека документите се државна тајна.
Двајцата изразија очекување случајот да добие правна разрешница. Од Обвинителството за организиран криминал потврдија дека е во тек предистражна постапка, но одбија да дадат повеќе детали поради тајноста на процесот.

