Половина година по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени, семејствата на жртвите повторно протестираа барајќи одговорност од институциите. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски се најдоа во фокусот на повиците за оставки, но од Министерството за внатрешни работи нема официјален одговор.
Маршот, познат како „Марш за ангелите“, започна пред „Паркот на револуцијата“ во Кочани и продолжи кон судот и обвинителството. Родителите порачаа дека не е доволно да се водат постапки против менаџерите на клубот, туку мора да се утврди институционална одговорност.
„Институциите не ја завршија својата работа, а тоа значи дека и државата има одговорност. Не е доволно да се казнат неколку менаџери. Потребна е одговорност и за оние што дозволиле клуб без дозвола да работи, и за сите што со своето молчење учествувале во ова злосторство,“ изјави Васка Лазарова, мајка на настраданиот фудбалер Андреј Лазаров.
Обвинувања за корупција
Јованка Тодоровска, сопруга на загинатиот полицаец од Пробиштип, обвини дека институциите не им пружиле никаква поддршка на семејствата. Таа дополнително тврдеше дека министерот Тошковски го поткупил семејството на нејзиниот сопруг за да не бараат оставка – обвинување што не беше коментирано од страна на МВР.
„Пет месеци ја чекам таа пензија. Пет месеци документите се чувани во МВР Пробиштип. Пет месеци никој не ме прашал како сум преживувала до сега,“ рече Тодоровска.
„Системска слабост и корупција“
Протестот се одржа во знак на револт кон, како што велат родителите, системските слабости, корупцијата и неодговорноста кои довеле до трагедијата.
„Ова не е само несреќа, ова е резултат на нефункционален систем кој дозволил младите да влезат во небезбеден простор,“ порачаа од организацискиот одбор.
Истрагата за пожарот сè уште трае. Основното јавно обвинителство нема донесено конечна одлука за обвинителниот акт против осомничените полициски службеници и други лица. Шест месеци по трагедијата, не е поднесено обвинение, а роднините на жртвите велат дека правдата се одолговлекува.

