И покрај законските измени и најавите за професионализација, македонската државна администрација останува тесно поврзана со политичките партии. Во пресрет на локалните избори во октомври, Владата најавува нов пакет реформи за департизација, едукација и рационализација на јавниот сектор, јави ДВ.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, изјави дека планираат воведување на три нови закони за висока раководна служба, плати и организација на државната управа, како и рационализација на бројот на буџетски корисници. „Имаме институции со еден или двајца вработени, формирани за да се задоволат политички или партиски потреби. Целта е да се скратат буџетските корисници за 40 отсто, согласно обврските кон ЕУ“, рече Минчев.
Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер оцени дека реформите се дел од процесот на европско приближување и оти тие носат корист за сите граѓани.
Премиерот Христијан Мицкоски на средба со министри и градоначалници ги повика службениците да бидат „храбри во воведувањето нови практики и да ја направат администрацијата поефикасна, почесна и посилна“.
Според податоците од Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација, во јавниот сектор се активни 1.371 институција со 128.879 вработени, што е намалување за 495 лица во однос на 2022 година. Анализите покажуваат дека со секоја промена на власта од 2018 година, бројот на редовно вработени во јавниот сектор значително се зголемува.

