22.5 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУ

Симона Славкова: Младите сакаат ЕУ да ја почувствуваат како лична перспектива

Симона Славкова е младинска активистка која активно работи со организации актуелно менаџерка на грантови во АЛДА за Балканот. Во ова интервју за Институтот BIRC, таа зборува за улогата на младите во процесот на европска интеграција, предизвиците со кои се соочуваат и начините како може да се зајакне регионалната соработка.

Интервјуирал: Енис Шаќири

Дали младите имаат доволно информации за процесот на европска интеграција?

Симона Славкова: Младите имаат некакви информации, но тие најчесто се фрагментирани, формални и не секогаш разбирливи за нив. Европската интеграција е сложен процес со многу технички термини, а комуникацијата од институциите често не е приспособена за младинската публика. Постојат интерес и љубопитност, но недостига јасен и транспарентен канал на информации. Клучно е тие да бидат пренесувани преку младински организации, универзитети и неформални образовни платформи, со визуелен и интерактивен пристап. Ако младите ја чувствуваат ЕУ како блиска и препознатлива во нивното секојдневие, тогаш ќе ја разберат не само како политички проект, туку и како лична перспектива за нивната иднина.

Кои се главните пречки што ги спречуваат младите да се вклучат во процесите на европеизација и демократизација?

Симона Славкова: Една од најголемите пречки е недоволната верба дека гласот на младите е навистина важен. Иако постојат младински совети и форуми, тие често се перцепираат како симболични, а не суштински механизми. Дополнително, економската несигурност и високата невработеност ги тераат младите да се фокусираат на сопствената егзистенција, наместо на пошироки општествени процеси. Друг дел од младите ја доживуваат европеизацијата како нешто „наметнато“ однадвор. Решението е да се даде реална моќ на младите во процесите на донесување одлуки и да се создадат конкретни програми што им помагаат во кариерата, образованието и личниот развој.

Како може да се подобри меѓурегионалната соработка меѓу младите во контекст на европската интеграција?

Симона Славкова: Младите во регионот се соочуваат со исти предизвици – миграција, невработеност, климатски промени и недоверба во институциите. Затоа, многу е важно да се развиваат регионални младински платформи, заеднички волонтерски програми и иницијативи што ги поврзуваат младите околу конкретни проблеми, како што се животната средина или дигиталната трансформација. Постоечките програми како Erasmus+ се значајни, но треба да се создадат и нови формати специјално за Балканот, преку кои младите ќе работат заедно на проекти и ќе градат долгорочни партнерства.

Дали тековните програми на ЕУ за млади (како Erasmus+) се доволни за промовирање на европеизацијата на Балканот?

Симона Славкова: Erasmus+ е една од најуспешните програми, која несомнено придонесува за градење контакти и развој на европски идентитет кај младите. Но, ако зборуваме за европеизација на Балканот, потребно е повеќе – локални и регионални иницијативи што ќе допрат и до младите во помалите заедници. Само така ќе се зајакне чувството дека европската интеграција е процес во кој сите можат активно да учествуваат.

Како ефикасно да се спротивставиме на дезинформациите и антиевропската пропаганда што влијае врз младите?

Симона Славкова: Младите бараат автентичност и релевантни приказни, а не формални кампањи. Решението е во содржини што тие ги разбираат и конзумираат – видеа, подкасти, визуелни пораки. Ако тие се создадени од млади за нивни врсници, ефектот е многу посилен. Во исто време, мора да се вложи во медиумска писменост како долгорочно решение. На младите треба да им се дадат алатки да препознаат манипулација. Позитивните приказни за придобивките од европската интеграција треба да бидат многу повеќе присутни – преку лични сведоштва, успешни примери и конкретни придобивки што младите ги чувствуваат во секојдневието.

Дали мислите дека постои евроскептицизам кај младите и што го поттикнува тоа?

Симона Славкова: Да, постои. Тој произлегува од бавниот напредок во процесот на интеграција, од економските проблеми со кои младите се соочуваат – невработеност, ниски плати, иселување – и од изложеноста на дезинформации. Но позитивно е што младите не се апатични, туку критички настроени. Доколку им се понудат реални можности – подобро образование, мобилност, можности за работа и културна размена – евроскептицизмот може значително да се намали.

Овој интервју е подготвен во рамките на проектот „Вклучување на младите за европеизација на Балканот“, спроведен од BIRC Institute од Северна Македонија, НВО GLAS од Црна Гора и CFID од Косово, со поддршка од Фондот за Западен Балкан и кофинансирање од Европската Унија.

Интервјуто е подготвено со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е исклучива одговорност на авторите и на никаков начин не ги отсликува ставовите на Европската Унија.

Related posts

Рустеми: Изградбата на автопатот Кичево – Охрид е лош проект, но враќање назад нема

admin

Првиот министер за одбрана Гоцевски: Македонија од амбис до НАТО – 28 години борба за безбедност и независност

admin

Ремзије Шахини-Хоџа: ЕУ треба да ги поддржи младите од Западен Балкан

admin

Владимир Ѓорѓевски: Евроскептицизмот и иселувањето ќе продолжат да растат доколку нема решенија

admin

Тилев: Кога процесот е блокиран, тешко е да се одржи реформската енергија

admin

Ескобар: Корупцијата е најголем проблем на Западен Балкан, вклучително и во Северна Македонија

admin