Патниците кои од недела ќе патуваат кон земјите на Европската унија ќе се соочат со нови проверки на границите, со почетокот на примената на новиот дигитален систем за влез и излез (Entry/Exit System – EES), по повеќекратни одложувања.
Новиот систем ќе бара од повеќето државјани кои не се од ЕУ да регистрираат биометриски податоци при преминување на граница — лицата ќе бидат фотографирани, а отпечатоците од прсти ќе им бидат скенирани пред да им се дозволи влез во Шенген-зоната. Со тоа постепено ќе се заменат традиционалните печати во пасошите.
Што претставува EES?
Системот не ја заменува граничната контрола, туку ја дигитализира. Патниците и натаму ќе мора да поминуваат проверки со гранични службеници, но нивните податоци — лице, отпечатоци, како и датум и место на влез и излез — ќе бидат автоматски евидентирани. ЕУ наведува дека целта е забрзување и поголема ефикасност при преминување на граници, како и подобра безбедносна контрола.
Системот ќе се воведува по фази и треба целосно да биде функционален до 10 април 2026 година.
Каде ќе се применува?
EES важи за сите земји од Шенген-зоната, која ги опфаќа 25 од 27 членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
Ирска и Кипар не се дел од Шенген и ќе продолжат со досегашните гранични процедури.
Системот се однесува на лица кои не се државјани на ЕУ, ниту на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка или Швајцарија, со исклучоци за носители на долгорочни визи и други категории.
Како ќе функционира?
При првиот влез по воведувањето на системот, патниците ќе користат самоуслужни терминали за внесување на личните податоци, бројот на пасош, отпечатоците од прсти и фотографија на лице. Децата под 12 години нема да даваат отпечатоци.
Аеродромите ќе го воведуваат системот по различен распоред – Германија, на пример, ќе започне во Штутгарт, пред да ја прошири примената во Франкфурт, еден од најпрометните европски аеродроми.
Дали ќе има доцнења?
Постојат загрижености дека новите проверки може да предизвикаат редици и одложувања.
Но, граничните власти имаат овластување привремено да го суспендираат системот во случај на прекумерни гужви.
Податоците собрани преку EES ќе се чуваат три години, по што ќе бидат избришани, освен во специфични случаи. Информациите ќе можат да ги користат граничните, визните и имиграциските власти, како и Европол и локалните полициски агенции.
ЕУ наведува дека податоците може да се споделуваат со трети земји или меѓународни организации, како агенциите на ОН, но само под „строги услови“.
За патниците што повторно ја преминуваат границата во рок од три години, проверките ќе бидат побрзи бидејќи нивните биометриски податоци веќе ќе бидат зачувани.
Доколку некој одбие да даде фотографија или отпечатоци, ќе му биде одбиен влез во Шенген-зоната, предупредува ЕУ.

