Учениците во Северна Македонија ќе се запознаваат со концептот на даноци и нивното значење преку новиот заеднички проект „Фискална едукација“, кој ќе се спроведува во основните и средните училишта, соопштија Министерството за образование и наука (МОН) и Управата за јавни приходи (УЈП).
Проектот беше формализиран денеска со потпишување на Меморандум за соработка меѓу министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и директорката на УЈП, Елена Петрова.
Според соопштението, целта е младите генерации да научат што претставуваат даноците, зошто се значајни за функционирањето на државата, како се пресметуваат, пријавуваат и плаќаат, како и кои се правата и обврските на граѓаните поврзани со јавните приходи.
„Со овој проект, образованието се поврзува со реалниот живот. Учениците се подготвуваат да бидат активни и информирани учесници во општеството,“ изјави министерката Јаневска по потпишувањето.
Директорката Петрова оцени дека фискалната едукација претставува стратешка инвестиција во иднината, затоа што создава фискално писмени и одговорни граѓани.
Проектот ќе се реализира преку предавања, интерактивни работилници, симулации, натпревари и посети на УЈП. Целта е да се поттикне развој на даночна култура заснована на знаење, свест и лична одговорност, наведоа од УЈП, додавајќи дека со тоа се создаваат генерации кои разбираат како функционира државата и активно придонесуваат кон нејзината стабилност и развој.

