Функционерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и носител на советничката листа на Алијансата за Албанците во општина Липково, д-р Зеќирија Шаини, е ранет во вооружен напад што се случил денеска во центарот на Куманово, потврди Министерството за внатрешни работи.
Според првичните информации, инцидентот се случил околу 13:54 часот пред зградата на Општина Куманово, кога две маскирани лица пукале со автоматско оружје кон возилото на Шаини. Тој бил повреден во ногата и по укажаната прва помош е пренесен во Кумановската болница, каде се наоѓа надвор од животна опасност.
„Во врска со настанот во Куманово, двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство се испратени на местото на настанот и преземаат истражни дејства. Се собираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на експертиза. Првичните индикации не укажуваат на политички мотиви, но сите околности се проверуваат,“ соопштија од Обвинителството.
Од Министерството за внатрешни работи наведоа дека напаѓачите се во бегство и дека полициските екипи спроведуваат интензивна потрага по сторителите.
ДУИ го осуди нападот врз својот претставник, нарекувајќи го „варварски чин на насилство“ и побара итна реакција од институциите.
„Остро го осудуваме овој тежок чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш и транспарентно да преземат мерки за идентификување и апсење на сторителите,“ се наведува во соопштението на партијата.
ДУИ, во знак на солидарност со ранетиот кандидат, соопшти дека ги суспендира сите партиски активности за денешниот ден и апелираше до своите поддржувачи да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.
И од коалицискиот партнер „Алијанса за Албанците“ реагираа по инцидентот. Лидерот Арбен Таравари оцени дека нападот е „криминален чин кој покажува колку слабо функционира државата“.
„Фактот што докторот преживеа е чудо, но тоа не ја менува загрижувачката реалност. Овој настан треба да биде аларм за сите нас,“ напиша Таравари на социјалните мрежи, посакувајќи му брзо закрепнување на повредениот.
И ДУИ и Алијансата за Албанците ги откажаа сите предизборни активности за денот, повикувајќи на мир и воздржаност.
Истрагата продолжува, а мотивите за вооружениот напад сè уште не се потврдени.

