28.2 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Нов Кривичен законик во Собранието до крајот на 2025 година?

Северна Македонија би можела да добие целосно нов Кривичен законик до крајот на 2025 година, што би значело крај на контроверзите околу измените од пред две години, со кои беа намалени казните за злоупотреба на службената положба, анализира Радио Слободна Европа.

Министерството за правда потврди дека текстот е завршен и испратен до Европската комисија на мислење. Владата очекува предлогот наскоро да помине на седница и да влезе во собраниска процедура – последниот чекор пред негово усвојување. Владин извор изјави за Радио Слободна Европа дека работните групи секојдневно вршат усогласувања со неколку директиви на ЕУ.

Новиот закон треба да одговори и на барањето на Уставниот суд, кој во февруари годинава наложи измена на спорните одредби од септември 2023 година.

Собранието или Уставниот суд – кој ќе повлече потег?

Во август истече рокот од шест месеци што Судот му го даде на Собранието за корекции на измените, по што претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски најави дека, доколку пратениците не постапат до крајот на годината, прашањето ќе биде ставено на дневен ред на декемвриската седница.

Меѓу опциите на судиите се укинување или поништување на измените. Правниците предупредуваат дека и двете варијанти може да доведат до правен вакум.

„Најсоодветно би било Собранието да интервенира. Не може да ги поправи последиците, но може да воспостави нормални санкции за ваквите дела“, изјави Дарко Аврамовски од Коалицијата Сите за правично судење.

Тој додаде дека укинувањето на измените би го избришало членот за злоупотреба на службената положба, додека поништувањето би создало дилеми дали ќе важат старите одредби. „Дури и меѓу судиите во Уставниот суд нема консензус за правниот ефект на поништувачка одлука,“ рече Аврамовски.

Костадиновски, пак, посочи и трета можност – укинување со одложено дејство, што би ѝ овозможило на законодавната власт дополнително време за донесување нов закон и избегнување на правен вакум.

Политички и правни последици

Измените од 2023 година, донесени под европско знаменце, доведоа до намалување на казните за злоупотреба на службена положба, несовесно работење и злосторничко здружување. Мерките овозможија скратување на роковите за застареност, што во пракса спаси десетици функционери од кривична одговорност.

Невладината Коалиција Сите за правично судење пресмета дека само во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство околу 80 обвинети добиле можност за апсолутна застареност. Меѓу нив бил и случајот „Таргет-Тврдина“ за нелегалното прислушување меѓу 2008 и 2015 година.

Анализите на Основниот кривичен суд Скопје покажале дека во моментот на усвојување на измените се воделе постапки против 197 обвинети за злоупотреба на службената положба.

Европската унија бара решение

Европската комисија во своите извештаи за 2024 и 2025 година изрази загриженост дека измените го ослабуваат капацитетот на институциите да истражуваат и гонат случаи на корупција. Евроамбасадорот во Скопје, Михалис Рокас, на 6 ноември повтори дека законот мора да се усогласи со препораките на ЕУ.

Донесувањето на новиот Кривичен законик е обврска што Северна Македонија ја презеде со реформската агенда во рамки на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Советот на ЕУ. Според агендата, и Кривичниот законик и новиот Закон за кривична постапка треба да бидат усвоени до декември 2025 година.

Ако роковите бидат испочитувани, Европската комисија ќе ѝ исплати на државата речиси 13 милиони евра – по 6,4 милиони за секој од двата закона.

Related posts

ОД 94 ОБВИНЕТИ ОД СЈО, ЗАД РЕШЕТКИ СЕ МИЈАЛКОВ, ЈАНКУЛОСКА И ТАЛЕСКИ

ninja

„НЕ Е ШВЕДСКА МАСА“: Владата подготвува нов закон за пушење – што ќе се забрани, а што останува?

admin

ДУИ го обвини министерот за правда за притисок врз судството по одлуката за куќен притвор на Груби

admin

Села бара ново уставно уредување, Мицкоски го испрати „во минатото“

admin

ОТВОРЕНА РЕЗЕРВА КОН „ОТВОРЕН БАЛКАН“

ninja

ДУИ се “усогласи” со САД за борба против корупцијата

admin