Долгогодишното енергетско партнерство меѓу Србија и Русија е под сериозен притисок, откако американските санкции против српската нафтена компанија НИС, која е делумно во сопственост на руската држава, ги нарушија снабдувањата и плаќањата, велат официјални претставници и извори од индустријата.
Компанијата Нафтна индустрија на Србија (НИС), во која Газпром и Газпром Њефт поседуваат повеќе од половина од акциите, беше ставена под санкции минатиот месец поради поврзаноста со руската енергетска индустрија. Потегот ја остави Србија во неизвесност во однос на нафтените и гасните испораки и ги влоши односите меѓу претседателот Александар Вучиќ и Кремљ.
Министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека руските акционери на НИС побарале од Вашингтон исклучок од санкциите и дека се подготвени „да го пренесат контролниот пакет и влијанието на трета страна“. Но, таа предупреди дека „времето истекува“.
Последиците веќе се чувствуваат на терен. Visa и Mastercard престанаа да обработуваат трансакции во бензинските станици на НИС и Газпром, па клиентите можат да плаќаат само со готовина. „Околу еден од десет возачи не може да плати – најчесто странци“, вели Бојан, вработен на автопатот меѓу Нови Сад и Белград.
НИС управува со двете рафинерии во Србија и обезбедува повеќе од 80% од горивото во земјата. Откако Јанаф нафтоводот преку Хрватска беше прекинат поради санкциите, српските резерви на сурова нафта може да се испразнат до крајот на месецот.
Слична ситуација се развива и во регионот. ЛУКОИЛ во Македонија, кој управува со мрежа бензински пумпи низ земјата, исто така веќе не прифаќа Visa и Mastercard, потврдија извори од енергетскиот сектор. Купувачите можат да плаќаат само во готовина, што предизвика долги редици на некои локации во Скопје и Битола.
За разлика од соседите во ЕУ, Србија избегна национализација на руските енергетски средства, иако Бугарија минатата недела изгласа закон за преземање на рафинеријата на Лукоил Бургас пред стапувањето во сила на новите американски санкции на 21 ноември.
Србија, која во голема мера зависи и од руски гас по поволна цена, би можела да се соочи со уште поголем притисок ако Москва одбие да го обнови договорот за снабдување што истекува на крајот на годината.
Ако САД го одобрат барањето за исклучок, протокот на нафта кон НИС може да се обнови. Но аналитичарите предупредуваат дека штетата врз енергетската безбедност на Србија – и врз односите со Русија – можеби веќе е направена.

