Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски го обвини поранешниот претседател Стево Пендаровски дека се меша во внатрешните процеси на СДСМ, изјавувајќи дека тој „мешетари“ во партијата.
Фрчкоски изјавата ја даде во неделата вечер во емисијата „Во Центар“ на Васко Ефтов, под наслов „Кои лоби групи сакаат да го сменат Венко Филипче“. Иако најави дека нема да споменува имиња, сепак го посочи Пендаровски, велејќи: „Ме чуди тоа што мешетари Стево Пендаровски. Нема потреба од тоа. А мешетари без везе.“
Во политичките кругови подолго време кружат шпекулации дека Пендаровски иницира реформи во СДСМ и поширокиот опозициски блок, иако досега никој не го потврдил тоа јавно.
Фрчкоски, кој се смета за близок до актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче, спомна и „еден пратеник и еден поранешен градоначалник“ кои, според него, се под влијание на кривични пријави. Водителот Ефтов прецизираше дека мисли на Оливер Спасовски и Петре Шилегов, а Фрчкоски не го негираше тоа. Тој додаде дека Филипче заслужува поддршка.
Во емисијата, Фрчкоски ја повтори и својата идеја за создавање „голема владина коалиција“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ — концепт што го изложи во колумна објавена на 23 септември на порталот Либертас.
Во таа анализа тој предвидуваше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе претрпи „лузна“ на локалните избори поради, како што напиша, „нечинење, некомпетентност и невладеење“, како и поради „повлекувањето на стратешкиот партнер САД од регионот“ и „руското влијание преку српската политичко-бизнис структура“.
Фрчкоски тогаш наведе дека ДУИ ќе го изгуби влијанието во владата и дека „на ДПМНЕ му е потребен СДСМ за да ја подели политичката одговорност за уставните измени и внесување на Бугарите како малцинство“.
Пендаровски одговори во понеделникот преку објава на Фејсбук, оценувајќи дека изјавата на Фрчкоски е „целосно одлепена од реалноста и фактите“.
„Во моето триесетгодишно бавење со јавни работи никогаш не сум ‘мешетарел’, како многу други во чии кариери нема ништо друго освен задкулисни маневри и кафеанско озборување,“ напиша тој, додавајќи дека проблемот потекнува од „квалитетот на изворите со кои некои луѓе се дружат“.

