Предлогот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за нов протокол со Бугарија повторно ја отвори дебатата дали креативен дипломатски потег може да го деблокира евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, кој е заглавен четири години по првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Северна Македонија сè уште не отвори ниту еден кластер, бидејќи Софија бара уставни измени за впишување на бугарската заедница во Преамбулата, додека Скопје инсистира на гаранции дека нема да има нови „непринципиелни“ услови.
Аналитичари: идејата е возможна, но шансите се мали
Аналитичари за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека евентуален трет протокол би можел да понуди излез, но предупредуваат дека е неизвесно дали Бугарија би го прифатила.
„Можноста за потпишување нов протокол е прифатлива иницијатива ако ставовите во него бидат корисни и добронамерни за двете страни,“ изјави поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев за РСЕ. Тој смета дека Договорот за пријателство овозможува такви анекси, повикувајќи се на член 13, кој предвидува измена со писмена согласност.
Извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски, за РСЕ оцени дека нов протокол би демонстрирал „проактивност и креативност“ од страна на Скопје, но предупреди дека во Бугарија малку што ќе се помести. „Не очекувам бугарска поддршка, особено по резолуцијата од мај 2025, со која парламентот едногласно одлучи да не се излегува од договорената рамка,“ рече Николовски.
Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев потсети дека со 209 гласа бугарските пратеници ја задолжиле владата да се држи до консензусот од 2022 година и „ништо друго“, додавајќи дека задача на македонскиот министер Тимчо Муцунски е да се придржува до истиот рамковен договор.
Поранешниот амбасадор Ѓорчев вели дека излез од статус кво е можен само ако Скопје јасно ги презентира своите позиции: дека нема да прифати ревизија на историјата, туторство во образованието или надворешни интервенции во колективната меморија, согласно декларацијата за црвените линии од 2022 година.
Истовремено, тој смета дека Скопје треба да понуди конкретни иницијативи за интензивирање на соработката во културата, економијата, енергетиката, туризмот и локалниот развој.
Претседателката изјави дека нов протокол би бил „креативно решение“, нагласувајќи дека протоколите се записници меѓу министри што може да го дополнат Договорот за добрососедство. Таа оцени дека во трет протокол треба да се запише дека прашања поврзани со историјата, културата и идентитетот не може да бидат услов во процесот.

