Според Глобалниот индекс на организиран криминал за 2025 година, објавен од Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал (GI-TOC), Северна Македонија се рангира меѓу државите со најниско ниво на криминалитет на Западен Балкан, со просечна оценка од 5 поени на скала од 1 до 10.
Криминалните пазари во земјата се оценети со 4.8 поени, додека криминалните актери – кои ги вклучуваат криминалните мрежи, мафијашките групи, актери поврзани со државата, приватни актери и странски актери – добиваат повисока оцена од 5.2 поени.
Меѓу најпроблематичните показатели за Северна Македонија се криумчарењето мигранти, трговијата со канабис и финансиските злосторства (по 6 поени секој), трговијата со луѓе, трговијата со синтетички дроги и сајбер-криминалот (по 5.5 поени секој).
Во поглед на индикаторите за отпорност, Северна Македонија има најдобри перформанси на Западен Балкан со 5.29 поени. Највисоко оценети индикатори се меѓународната соработка и територијалниот интегритет (6.5 поени), борбата против перењето пари (6 поени), спроведувањето на законот, превенцијата и не-државните актери (по 5.5 поени).
Извештајот, кој се објавува еднаш на две години, покажува дека земјата е клучна точка во балканските рути на дрогата, вклучувајќи хероин, кокаин, канабис и синтетички дроги. Албанија служи како транзитна и дистрибутивна точка за авганистански хероин кон европските пазари, со криминални групи кои го контролираат транспортот од Авганистан, Иран, Турција и Пакистан, додека најголемиот дел од хероинот влегува преку Северна Македонија и Косово. Домашната потрошувачка останува ограничена, но трговијата генерира големи приходи и е поддржана од корупција на граничните премини.
Србија прва по криминалитет, Северна Македонија со најголема отпорност
Во споредба со соседните држави, Србија го има највисокото ниво на криминалитет во регионот со 6.18 поени, следена од Босна и Херцеговина (5.92), Црна Гора (5.82), Албанија (5.20), Северна Македонија (5.00) и Косово (4.85).
Кај криминалните пазари, Србија (5.67) и Босна (5.43) имаат највисоки резултати, додека најниски ги имаат Северна Македонија (4.80) и Косово (4.70).
Во поглед на отпорноста кон организиран криминал, Северна Македонија се претставува најдобро во регионот со просек од 5.29 поени, оставајќи ги зад себе Босна (3.88), Црна Гора (4.83), Србија (4.92), Косово (4.92) и Албанија (5.17).
Главните криминални пазари во Северна Македонија
Извештајот нагласува дека криумчарењето луѓе продолжува да функционира како високо организирана и транснационална активност, со Северна Македонија како клучна алка низ западнобалканската рута кон Западна Европа. Мрежите за криумчарење најчесто ја олеснуваат транзицијата на мигрантите преку границата со Грција, користејќи ги главните транзитни точки како Гевгелија и Куманово. Овие криминални мрежи одржуваат силни регионални врски, особено со актери во Турција, Грција и Унгарија.
Индексот исто така посочува дека Северна Македонија служи како транзитна точка за хероин, бидејќи е дел од трговските рути што го поврзуваат Авганистан со Западна Европа преку Турција и Балканот. Иако домашниот пазар на хероин е релативно мал, стратешката позиција на земјата ја прави составен дел од регионалниот синџир на снабдување.
Во врска со трговијата со канабис, извештајот истакнува дека легалното и нелегалното култивирање постојат паралелно, со криминални мрежи кои профитираат од регулаторни празнини во индустријата за медицински канабис. Иако владата издала лиценци за култивација, има извештаи дека некои лиценцирани субјекти биле вклучени во нелегална дистрибуција на канабис. Корупцијата дополнително го отежнува надзорот, а Северна Македонија останува клучна транзитна точка за пратки канабис од Албанија кон европските пазари.
Индексот забележува и раст на сајбер-криминалот поврзан со технологијата, кој претежно го извршуваат организирани криминални мрежи. Овие мрежи се занимаваат со различни активности, вклучувајќи DDoS напади, ransomware и употреба на малициозни програми. Овој криминален пазар е консолидиран и вклучува домашни и странски групи, особено од држави како Русија и Иран.

