35.8 C
Скопје
30 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАРЕГИОН

Тепиќ тврди: Сопственикот на Алта банка се занимава со перење пари, капиталот стекнат на нелегален начин

Потпретседателката на Странката за слобода и правда (ССП), Мариника Тепиќ, денес го обвини сопственикот на Алта банка, Давор Мацуpa, дека е дел од организирана криминална група и дека се занимава со перење пари, јавија српски медиуми.

На прес-конференција во Домот на Народното собрание, Тепиќ изјави дека Мацуpa, кој започнал како продавач и сопственик на мала менувачница, денес поседува банка и гради станови, благодарение на врските со власта, односно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и неговиот брат.

„Успонот на Мацуpa од сопственик на мала менувачница до сопственик на банка, земјиштен магнат и инвеститор, математички е невозможен без еден фактор – братот Вучиќ – и сè укажува дека тој е само маска за финансиските операции на братот Вучиќ“, рече Тепиќ.

Таа додаде дека Мацуpa ја основал Алта банка со сомнителен капитал.

„Кога се обидел да се прошири во Европската Унија и да купи околу 20 отсто од уделите во австриската Адико банка, Европската централна банка му го суспендирала правото на глас поради сомнежи за нетранспарентно потекло на капиталот и непрјавено преземање контрола“, истакна Тепиќ.

Според неа, банката работи со Електропривреда на Србија (ЕПС), но деловите за наплата на јавни сметки за струја биле склучени надвор од јавни набавки и тендери. Таа додаде дека нето добивката на Алта банка и Alta Pay Group во последните пет години пораснала за повеќе од 200 проценти.

Тепиќ исто така тврди дека Мацуpa ја добил земјата на пропаднатата фабрика ИМТ по цена повеќе пати пониска од пазарната и дека на 33 хектари сега гради 5.000 станови.

Таа побара Јавното обвинителство да спроведе истрага за работењето на сите фирми на Мацуpa, да се блокира имотот на Алта банка, да се ревидира купувањето на ИМТ, да се запре градежниот проект на Мацуpa и да се утврди потеклото на неговиот капитал.

Минатата недела, Тепиќ го обвини Андреј Вучиќ дека е „оперативен центар на политичко-криминална мрежа“, која повеќе од една деценија „ја разорува Србија преку прескапи тендери, изборни измами и параполициски и политички операции“. Неделата пред тоа, таа изјави дека Александар Вучиќ е лидер на криминална група и го злоупотребува службениот положај.

ССП на 21 ноември го започна проектот „Пат кон затвор – правда за Србија“, во рамки на кој секој петок презентира по една „обвинителна листа“ против претставници на власта и нивните соработници.

Инаку, неодамна Алта банка АД Белград, дел од Alta Group, официјално ја презеде Стопанска банка Битола, една од постарите финансиски институции во Северна Македонија, со што ја зацврсти својата позиција на регионалниот пазар.

Со купувањето се префрлени околу 88,09 отсто од вкупниот акциски капитал на Стопанска банка Битола — 344.420 акции од вкупно 371.538 издадени обични акции.  Алта банка понуди цена од 3.777 денари за акција. 

 

Related posts

Во Собранието одбележан 11 јули – Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница

admin

Тајни притисоци и лиценци? Поранешен директор со тешки обвинувања кон врвот на БЕСА

admin

ЕУ може да реагира на Американските забрани за визи

admin

Мицкоски “раскинува” со Касами, дали ги отвора вратите за Села и Тачи?

admin

КОВАЧЕВСКИ – М-НАВ ПОСТАПИ ДОБРО СО КОНКУРСОТ ЗА КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ

ninja

Тендери без критериуми во Државна лотарија во времето на Перпарим Бајрами

admin