Предвремените парламентарни избори во Косово повторно му отворија пат на лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, да формира влада со поддршка на дел од пратениците од националните малцинства, без потреба од коалиција со опозицијата.
По пребројувањето на речиси 90% од гласачките кутии на национално ниво, Самоопределување освои околу 50% од гласовите, што според проекциите би можело да се претвори во 56 пратенички места. За формирање на влада, Курти ќе му бидат потребни најмногу пет од вкупно десет пратеници што им припаѓаат на не-српските малцинства, што би овозможило релативно лесно формирање на трет мандат на владата предводена од него.
Во споредба со парламентарните избори во февруари 2025 година, Самоопределување бележи раст од околу осум процентни поени.
Демократската партија на Косово (ДПК) се движи на слично ниво како и пред десет месеци, и покрај тоа што непосредно пред изборите го смени своето раководство. Партијата предводена од Бедри Хамза освои нешто повеќе од 20% од гласовите, ист процент како и во февруари, што би ѝ донело околу 23 пратенички места – едно помалку од претходниот состав.
Најголем губитник на овие избори е Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК). Партијата на Лумир Абдиџику освои околу 14% од гласовите, што е за четири процентни поени помалку од изборите во февруари, а се очекува да загуби околу пет пратенички места од вкупно 20 освоени на почетокот на годината.
Надвор од парламентот останува и Фатмир Лимај, кој настапи самостојно и не го помина изборниот праг. Во меѓувреме, Алијансата за иднината на Косово, предводена од Рамуш Харадинај, со околу 6% од гласовите би можела да освои шест пратенички места, во споредба со осумте што ги имаше коалицијата на изборите во февруари 2025 година.

