Еден московски суд во петокот осуди поранешен вработен во руското Министерство за надворешни работи, кој претходно работел во еден од руските конзулати во Соединетите Држави, на 12 години затвор поради предавање информации на американските разузнавачки служби.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека Арсениј Коновалов бил уапсен во март 2024 година под сомнение дека за пари им доставувал доверливи информации на американски разузнавачи за време на неговата служба во Генералниот конзулат на Русија во Хјустон, во периодот од 2014 до 2017 година.
ФСБ не соопшти какви информации наводно пренесувал Коновалов, ниту кога се случиле наводните контакти. Според непотврдени извештаи во руските медиуми, тој бил регрутиран од Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА).
Државните медиуми во петокот објавија снимки од ФСБ на кои се прикажува апсењето на Коновалов во 2024 година, како и неговите подоцнежни појавувања пред суд. Руските органи за спроведување на законот претходно немаа соопштено за неговото апсење или за обвиненијата против него.
Московскиот градски суд го прогласи Коновалов за виновен за велепредавство и му изрече казна од 12 години затвор во казнено-поправна установа со строг режим, соопшти ФСБ. Судот му изрече и парична казна од 100.000 рубљи (околу 1.200 долари).

