Поранешниот министер за внатрешни работи и координатор на собраниската група на СДСМ, Оливер Спасовски, ги отфрли обвинувањата наведени во, како што го нарече, „таканаречениот“ извештај на МВР за наводна злоупотреба на службената положба.
Во изјава за „Локално“, Спасовски рече дека не е изненаден од, како што тврди, методите со кои ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја дефокусира јавноста.
„Ништо ново. ВМРО-ДПМНЕ се појавува секогаш кога треба да се одвлече вниманието од вистинските скандали на власта – трагедијата во Кочани, мигрантите, криминалот и тешката економска состојба“, рече тој. Спасовски додаде дека станува збор за „класичен обид за политички прогон“.
Според соопштението на МВР, до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против Спасовски, под сомнение дека во 2021 година, како министер, овозможил една компанија за технички преглед во општина Сарај да прибави противправна имотна корист од 5,5 милиони денари.

